Комунална хигиена демантира: „Секојдневно го собираме отпадот во Центар“

Макфакс

13/02/2025

16:44

214

Големина на фонт

а а а

ЈП Комунална хигиена-Скопје ја демантира изјавата на градоначалникот на општината Центар, каде што, како што велат, повторно се наведени низа невистинити информации поврзани со активностите на Претпријатието во оваа скопска општина.

Демантот го пренесуваме во целост:

„На територијата на општината Центар, ЈП Комунална хигиена Скопје секојдневно го собира и транспортира комуналниот отпад без никаков застој, според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје.

Го информираме градоначалникот дека доколку констатирал проблем со масовно одлагање отпад надвор од поставените контејнери, во тој случај станува збор за кршење на Законот за јавна чистота, а токму во негова надлежност е преку општинските инспекциски служби да ги санкционира лицата или правните субјекти што ќе бидат затекнати при непрописно одлагање отпад на јавни или сообраќајни површини.

Во текот на 2024 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа вкупно 167 364 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот, при што се реализирани 36 245 тури за собирање и транспорт на отпадот.

Некоректно е постојано паушално да се обвинува ЈП Комунална хигиена-Скопје за активностите што спаѓаат во надлежност токму на општина Центар, како што е одржувањето на хигиената на сервисните улици, за чиешто одржување се надлежни комуналните служби при самата општина.

Уште еднаш го потсетуваме градоначалникот Герасимовски и дека ЈП Комунална хигиена Скопје во текот на 2024 година отстрани вкупно 22 194 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје, при што голем дел од активностите за подигнување непрописно одложен отпад беа реализирани на територијата на општината Центар. Воедно, во периодот 05.08.2024 – 13.09.2024 во сите скопски општини беше реализирана акција за собирање кабаст отпад во чиишто рамки беа поставени специјални садови каде што граѓаните имаа можност да го одложат својот кабаст отпад. Во текот на оваа акција од страна на екипите на ЈП Комунална хигиена Скопје беа подигнати и транспортирани 130 кубни метри кабаст отпад само на територијата на општината Центар.

Го замолуваме градоначалникот да престане да ги негира наведените активности и акции поврзани со одржувањето на хигиената и чистотата на општината Центар“, се вели во демантот.