Волјата на граѓаните уште еднаш пресуди! Во текот на 2024 година граѓаните селектираа 273.000 пластични шишиња и лименки во системот на повратни вендинг машини на Пакомак со цел донирање на средства за потребните на СОС Детското село. Хуманиот гест го препозна и самата компанија, која собраните шишиња и лименки ги претвори во денарска противвредност во износ од 120.000 денари и ги намени за истата цел, за потребите на СОС Детското село.
Донацијата беше направена преку мобилната апликација ЕкоМак, каде корисниците добија можност со нивните „зелени поени“, добиени со селективно одложување на отпадот во повратните вендинг машини, да купат ваучери со кои ја поддржуваат работата на СОС Детското село.
„Би сакал во името на Пакомак да им се заблагодарам на сите граѓани кои и оваа година решија да донираат за поддршка на СОС Детското село, со цел да се обезбеди подобра заштита за ранливата група на деца без родителска грижа. Машините кои што ги поставуваме со поддршка на Швајцарската амбасада во иднина ќе ги има во се поголем број, а со нивната напредна технологија на наше задоволство ни овозможуваат да реализираме и вакви активности “, изјави Ико Брдароски, заменик генерален директор во Пакомак.
Првата повратна вендинг машина беше поставена во Скопје во 2021 година, а оттогаш вендинг машини добија петнаесет градови, како Тетово, Прилеп, Куманово, Битола, Штип, Берово, Охрид, Струга, Кочани и други.
Корисниците на повратните вендинг машини наменети за одложување на амбалажен отпад за секое парче отпад оставено во машината добиваат по 1 зелен поен, кои потоа имаат можност да ги искористат за како бенефити во најголемите ланци на супермаркети во нашата држава, а во иднина се планира да се користат да добивање попусти при комуналии, услуги од јавен интерес и слично.
Преку подменито Ваучери, апликацијата ЕкоМак дава можност и за донирање на зелените поени за СОС Детско Село.
“Нѐ радува долгогодишното стратешко партнерство и поддршка на работата на СОС Детско село од страна на ПАКОМАК, и уште повеќе што оваа организација директно ги ангажира и граѓаните за поголемо влијание и зголемување на свеста за екологијата. Голема придобивка за нас е што оваа кампања овозможува граѓаните преку рециклирање да направат двоен импакт; еколошки, за заштита на нашата околина и хуманитарен, за поддршка на згрижувачките семејства и децата згрижени во нив”, изјави Јулијана Гапо, директор на СОС Детско село.
“Оваа донација ќе биде наменета за покривање на дел од трошоците за поддршка на згрижувачите во нивната секојдневна ангажираност - згрижување на деца без родители. Поточно средствата ќе бидат наменети за реализација на т.н. траума - информативни обуки - тренинзи по специјализирана методологија за да можат згрижувачите да се справуваат со сите предизвици што ги носи згрижувањето на деца кои биле одвоени или останале без родители. Секое од овие деца носи во себе помала или поголема траума поради нивната загуба или одделување од нивните биолошки семејства, од нивните другари, училиштето и и се она што значи една сигурна средина и поддршка. Во најдобар интерес на децата и нивната адаптација Згрижувачите мораат да бидат професионално обучени за да можат да им дадат најсоодветна грижа и поддршка. Во текот на Минатата година СОС Детско село поддржуваше 80 згрижувачки семејства интегрирани во локалната заедница кои згрижуваат повеќе од 140 деца. Благодариме на граѓаните за нивната поддршка”, додаде таа.