Сергеј Наришкин, директор на Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) и претседател на Руското историско друштво, изјави дека Украина е на работ на неизбежен колапс на државноста. Наришкин е познат како еден од блиските соработници на рускиот претседател Владимир Путин и клучна фигура во рускиот безбедносен апарат.
Неговите изјави редовно се усогласуваат со наративот на руската влада, а овој конкретен коментар го пренесе државната агенција ТАСС, позната по промовирањето на официјалните позиции на Кремљ.
На дискусијата на тркалезната маса со наслов „Од Харков до Ужхород: Историја на конфликти и територијални компромиси“, Наришкин изнесе тврдења дека Украина „од распадот на Советскиот Сојуз ја пропушти можноста да изгради сопствена државност и, наместо тоа, се посвети на лично збогатување поддржувајќи ги неонацистичкиот лидер и прифаќањето на улогата на ударна игла против Русија под водство на англосаксонските господари“.
„Резултатот на сè е катастрофа, а сега падот на украинската државност е неизбежен“, рече Наришкин.
Тој рече и дека територијата на Украина била формирана само за време на советскиот период и дека „пред тоа не постоела како единствена административна единица“.
Сергеј Наришкин долго време важеше за еден од најлојалните луѓе во најтесниот круг на Путин. Тој е на чело на Надворешната разузнавачка служба (СВР) од 2016 година и е познат по промовирањето ревизионистички поглед на украинската историја, честопати оправдувајќи ги руските дејства во конфликтот користејќи историски наративи.
Вчера, американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин се договорија да почнат преговори за итен прекин на војната во Украина. Истиот ден министрите за надворешни работи на Франција, Германија и на Шпанија по средбата истакнаа дека не може да се постигне мировен договор за Украина, без учество на Киев и неговите европски партнери.