Гаши - Фрагнеш: Словенија ќе дава постојана отворена и силна поддршка на Македонија

Макфакс

12/02/2025

17:17

220

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Анжеј Фрагнеш, специјален претставник на Република Словенија во Република Северна Македонија.

Претседателот Гаши ги нагласи одличните повеќедецениски билатерални односи меѓу двете држави и динамиката на средби на сите нивоа кои се најголема потврда за заемната желба за поблиско поврзување меѓу нашите две земји.

Во текот на средбата претседателот Гаши ги истакна заложбите на Словенија за прашањето на проширувањето да остане високо на агендата на ЕУ, како и поддршката што ја дава на нашата држава на патот кон ЕУ. Искуствата покажуваат дека процесот на проширување е единствената алатка за обезбедување просперитет, безбедност и стабилност на европскиот континент, и како таква треба да продолжи со уште поголем интензитет.

Фрагнеш му честита на претседателот Гаши за досегашната работа како претседател на Собранието и искажа подготвеност за натамошно интензивирање и продлабочување на комуникацијата и соработката на теми од заемен интерес.

Фрагнеш истакна дека од особено значење е процесот на отворање на преговарачките поглавја да отпочне што поскоро и земјата да се приклучи кон ЕУ, за што Словенија ќе дава постојана отворена и силна поддршка на Република Северна Македонија.

Соговорниците се осврнаа и на актуелните активности во Собранието, натамошното продлабочување на соработката меѓу двете држави на сите нивоа, со особен акцент на парламентарната дипломатија.