Иако топлите бранови, зголемувањето на телесната тежина и ноќното потење се најчесто споменуваните симптоми на менопауза, постојат и други, помалку познати знаци кои можат да го придружуваат овој период.
Чешањето на кожата, болката во стапалата и болките во зглобовите можат да бидат последица на хормонални промени, но тие често остануваат непрепознаени. Експертите истакнуваат дека разбирањето на овие симптоми може да им помогне на жените полесно да управуваат со своето здравје за време на менопаузата.
Чешање на кожата и ушите
Промените во нивото на естроген можат да предизвикаат сува кожа и чувство на чешање. „Имаме естрогенски рецептори во нашата кожа, а кога нивото на естроген ќе се намали, кожата се истенчува и се намалува производството на природни масла, што може да доведе до чешање“, објасни д-р Кетлин Џордан за „Parade“.
Гинекологот д-р Ерика Монтес додаде дека, освен на кожата, чешање може да се појави и во ушите поради сувост на слузокожата во ушниот канал. Според гинекологот д-р. Амберли Дејвидсон, овој симптом не е многу чест, но може да се подобри со хормонска терапија.
Боцкање и непријатност во стапалата
Некои жени доживуваат боцкање и непријатност во стапалата за време на менопаузата, што може да биде поврзано со промени во флексибилноста на сврзното ткиво. „Имавме пациентка со необјаснета болка во стапалата, а откако воведовме естроген, симптомите исчезнаа“, истакна гинекологот д-р Мајкл Тахери.
Покрај хормоналните промени, зголемувањето на телесната тежина за време на менопаузата може дополнително да ги оптовари стапалата, предизвикувајќи болка и воспаление.
Болки во зглобовите
Многу жени пријавуваат општа болка во зглобовите и чувство на вкочанетост. „Пациентките ми кажуваат дека целото тело ги боли, иако немале никаква физичка повреда“, истакна д-р Тахери. Според д-р Дејвидсон, болките во зглобовите сега сè повеќе се поврзуваат со менопаузата, феномен наречен „мускулно-скелетен синдром на менопауза“.
Менопаузата носи голем број промени кои можат да влијаат на целокупното здравје, вклучувајќи ги коските, срцето и менталната состојба.
„Многу жени не ги поврзуваат своите симптоми со менопаузата, а хормоните играат клучна улога во целокупниот организам“, нагласи д-р Монтес. Експертите ги советуваат жените да обрнат внимание на новите или невообичаени симптоми и да разговараат со својот лекар за можни решенија, вклучително и хормонска терапија.