[ВИДЕО] Австралија: медицински работници се фалеле дека убиле израелски пациенти

Макфакс

12/02/2025

08:54

2.342

Големина на фонт

а а а

Одделот за здравство на Нов Јужен Велс во Австралија повика полиција и започна итна истрага откако на социјалните мрежи се појави снимка на која се гледаат двајца медицински работници од болницата Банкстаун како се фалат дека убиваат и одбиваат да лекуваат израелски пациенти, дознава „Сиднеј морнинг хералд“.

Лицата се идентификувани и суспендирани од должност во очекување на целосна истрага, објави Би-би-си.

Министерот за здравство на Нов Јужен Велс, Рајан Парк, рече дека е згрозен од снимката, која стана вирална на социјалните мрежи, додека заменик-министерот за надворешни работи на Израел повика на отпуштање на мажот и жената што се појавуваат на видеото.


„Овие коментари се одвратни, дехуманизирачки и неприфатливи“, рече Парк.

Парк додаде дека коментарите од видеото не ги одразуваат вредностите на заедницата на Нов Јужен Велс. „Побарав од Министерството за здравство на Нов Јужен Велс итно да започне истрага за да се идентификуваат овие лица, а случајот е пријавен и во полиција“, рече Парк, додавајќи: „Ако истрагата го потврди ваквото однесување, овие лица повеќе нема да работат за Одделот за здравство на Нов Јужен Велс“.


Израелскиот инфлуенсер Макс Вејфер објави видео на „Инстаграм“ и „Тик Ток“ во кое разговара со маж и жена. На прашањето што би се случило доколку израелски пациент дојде во болница, жената изјавила дека ќе го убие пациентот: „Не би го лекувала, туку би го убила. Еден ден ќе дојде вашето време и ќе умрете на најстрашниот начин“.

„Сиднеј морнинг хералд“ не можеше самостојно да ја потврди автентичноста на видеото.


Израелскиот заменик-министер за надворешни работи, Шарен Хаскел, рече дека треба да се спроведе истрага: „Треба да има итна истрага за овие двајца австралиски медицински професионалци кои рекоа дека ќе убијат израелски пациенти – и сугерираа дека веќе го сториле тоа. Тие изразуваат криминална намера против Евреите, ова мора да престане“.