Пирамидите во Гиза, Црвеното Море, Луксор и урнатините на Абу Симбел редовно се на списоците на желби на патниците кои сакаат да го откријат Египет, но оние кои бараат недопрена убавина почесто ги избираат Црната и Белата пустина, парчињата од возбудливата Сахара до кои може да се стаса преку организирани тури од Каиро.
По талкањето низ прометните улици, заминувањето во природа е токму она што им е потребно на многу луѓе за да ги „наполнат“ батериите.
Некои тури нудат еднодневни излети до Белата пустина, но имајте на ум дека тоа значи дека треба поминете повеќе од 700 километри во еден ден како и дека поголемиот дел од времето ќе го поминете на четири тркала.
Ноќ под ѕвездите
Доколку сакате да поминете повеќе време во природата како и да спиете под ѕвездите, добро е да се одлучите за повеќедневно патување. Приватните тури со едно ноќевање се добра идеја бидејќи овозможуваат флексибилност, а оние кои се одлучиле за таква опција тврдат дека често нудат добар сооднос цена-квалитет. Повеќедневните организирани тури чинат околу 500,600 евра, но само една ноќ е доволна за да ја почувствувате целата магија.
Белата пустина е само дел од огромната западна пустина која се протега од Нил сè до либиската граница. Таа е дел од депресијата Фарафра, а ги опфаќа и оазите Фарафра, Аин Ел Макфи и Аин Ел Вади.
Оваа област е позната по своите чудесни пејзажи и геолошки формации – зелени оази со палми и топли извори, како и „заспани“ вулкани окружени со песок и планини.
Белиот песок се појавува во вид на наслаги, величествени карпи и расфрлани бели тумби, а најпознатата бела карпа е наречена Кристална планина.
На многу места, белиот песок изгледа како снег кој ја прекрил пустината. Жителите на пустината се лисици, газели и шакали, а покрај нив, можете да сретнете и истражувачи кои бараат фосилизирани остатоци од античкото минато.