Најевтиниот "Apple iPhone" би можел да биде претставен веќе следната недела, носејќи значителни промени во однос на претходната генерација. Според извештајот на Марк Гурман од "Bloomberg", компанијата планира да го претстави новиот "iPhone SE 4" пред очекуваната "MacBook Air" линија со "M4" чип.
Новиот "iPhone SE 4" ќе биде значајна пресвртница за "Apple", бидејќи ќе биде првиот модел што ќе користи сопствен "5G" модем наместо "Qualcomm" решенијата. Оваа промена би можела значително да влијае на идните модели на "iPhone" и да ја зголеми независноста на "Apple" од други производители на компоненти.
Нов дизајн и моќни карактеристики
Иако станува збор за „буџетски“ модел, спецификациите на новиот "SE 4" се импресивни дури и според денешните стандарди. Телефонот ќе биде опремен со најновиот "A18" чипсет, ист како во претстојната "iPhone 16" серија, и ќе има 8 "GB RAM" меморија, што ќе овозможи користење на напредни AI функции.
Новиот "SE" ќе го преземе дизајнот на "iPhone 14", што значи дека ќе дојде со поголем екран и помодерен изглед. Наместо "Touch ID" копче, корисниците ќе добијат "Face ID" технологија, но ќе го задржи класичниот „notch“, наместо "Dynamic Island" системот што се наоѓа кај поскапите модели.
Меѓу најзначајните подобрувања е и преминот на "USB-C" порт, што ќе овозможи полесно полнење и поврзување со други уреди. Кога станува збор за фотографијата, телефонот ќе биде опремен со задна камера од 48 мегапиксели и предна камера од 12 мегапиксели, што е значително унапредување во однос на претходната генерација.
Цена и достапност
Се очекува цената на новиот "iPhone SE 4" да биде меѓу 499 и 549 долари, што го прави најскапиот "SE" модел досега. Сепак, со спецификациите што наликуваат на премиум уреди и поддршката за најновите технологии, овој телефон би можел да биде одличен избор за корисниците кои сакаат врвно искуство по попристапна цена.