Научниците открија 13 лекови и додатоци во исхраната што потенцијално можат да го забават стареењето на мозокот

Точка

13/03/2025

23:04

4.089

Големина на фонт

а а а

Новото истражување ја нагласува сложената интеракција помеѓу генетиката, начинот на живот и стареењето на мозокот, истакнувајќи ги потенцијалните терапевтски пристапи и потребата од персонализирани решенија за спречување на когнитивниот пад.

Откриени седум гени поврзани со стареењето на мозокот

Ново истражување идентификуваше седум гени – "MAPT", "TNFSF12", "GZMB", "SIRPB1", "GNLY", "NMB" и "C1RL" – кои значително влијаат врз брзината на стареење на мозокот. Овие гени беа утврдени преку анализа на "MRI" скенирања и генетски податоци од речиси 39.000 индивидуи со просечна возраст од 64 години, добиени од британската база на податоци "UK Biobank".

Студијата, објавена во "Science Advances", користеше модел на длабинско учење "3D-ViT" за проценка на биолошката старост на мозокот. Откриено е дека знаците на забрзано стареење се особено изразени во областите на мозокот кои се клучни за когнитивните функции.

Значајно откритие е корелацијата меѓу разликата во возраста на мозокот и резултатите од когнитивните тестови. Учесниците кои покажале поголема разлика меѓу нивната хронолошка возраст и проценетата биолошка возраст на мозокот имале послаби резултати на когнитивните тестови. Ова укажува на тоа дека овие генетски фактори можат директно да влијаат врз когнитивниот пад.


13 потенцијални помагала за забавување на стареењето на мозокот

Истражувањето исто така идентификуваше 13 лекови и додатоци во исхраната кои би можеле да помогнат во ублажување на ефектите од овие гени врз стареењето на мозокот:

1. Колекалциферол – додаток во исхраната во форма на витамин Д.

2. Дасатиниб – лек што се користи во третман на леукемија.

3. Диклофенак – нестероиден антиинфламаторен лек за ублажување на болка и воспаление.

4. Доконексент – додаток во исхраната во форма на омега-3 масни киселини.

5. Естрадиол – облик на естроген што се користи во хормонска терапија.

6. Хидрокортизон – најчесто се користи за третман на егзема.

7. Мекамеламин – лек што го намалува крвниот притисок.

8. Никотин – супстанција најчесто поврзана со тутунските производи.

9. Прастерон – се користи за ублажување на вагинална болка во менопауза.

10.-11. Кверцетин и ресвератрол – антиоксиданти во форма на додатоци во исхраната

12. Сиролимус – имуносупресив што често се пропишува по трансплантација на бубрег.

13. Тестостерон – примарен машки полов хормон.


Што велат експертите?

Авторите на студијата предупредуваат дека поединците треба да ги земат предвид потенцијалните ризици од користењето на овие лекови или додатоци за забавување на стареењето, бидејќи тие можат да имаат негативни несакани ефекти врз здравјето.

Дарио Валенцано од "Leibniz" институтот за стареење во Германија ја истакна важноста на ова истражување, наведувајќи дека „оваа работа дава конкретни цели за понатамошни експериментални и клинички истражувања“.

Од друга страна, Ричард Сиоу од "King’s College" во Лондон ја нагласи сложеноста на генетското влијание врз стареењето на мозокот:

„Само затоа што имате одреден генетски профил, не значи дека тие гени секогаш ќе играат улога“, смета тој.

Тој дополнително истакна дека начинот на живот и факторите од околината, како што се пушењето и прекумерната консумација на алкохол, можат да ја модулираат експресијата на гените и да придонесат за когнитивен пад.

Бидејќи истражувањето се темели на податоци од "UK Biobank", поставува се прашањето за неговата примена на други популации. Сиоу нагласи дека се потребни дополнителни истражувања врз различни етнички групи, вклучително во Африка, Јужна Америка и Источна Азија, за да се утврди универзалноста на овие генетски врски со стареењето на мозокот.