Археолозите веруваат дека конечно го решиле прашањето зошто најголемото келтско богатство од железното време во светот било закопано на југоисточниот брег на островот Џерси пред повеќе од 2.000 години, објави „Гардијан“.
Кога во 2012 година во поле во Ле Катијон, во областа Грувил, беа откриени околу 70.000 сребрени монети, 11 златни ѓердани и разновиден накит, експертите не можеа да објаснат зошто ова огромно богатство било пренесено во тогашната непопуларна и опасна крајбрежна област.
Сепак, најновото геофизичко истражување околу местото на откритието откри можни траги на келтско населување, што значи дека Џерси не бил изолирана територија во средината на I век п.н.е.
Истражувањето е објавено оваа недела во списанието „Реквоч“, со поддршка на фондацијата „Хајлендс“.
Металодетектористите Рег Мид и Ричард Мајлс веднаш по откритието ја известиле фондацијата „Наследството на Џерси“. Бидејќи Џерси е кралско зависна територија, богатството било обработено според Законот за откриени богатства на Англија, Велс и Северна Ирска од 1996 година, а потоа било откупено од владата на Џерси за 4,25 милиони фунти. Денес, експонатите се изложени во музеј на островот.
FIND FRIDAY: It’s the first week back after Christmas for the Coin Crew and they’re already back into the swing of...
Posted by Jersey Heritage on Friday 6 January 2017
Мид и Мајлс соработуваат со експерти во истражувањето на богатството, за кое се верува дека потекнува од античкиот француски регион Арморика (денешна Бретања и Нормандија). Речиси сите монети се поврзани со племето Кориосолити, чиј назив можеби потекнува од келтскиот збор „corios“, што значи „војска“ или „трупа“.
Бегство од Римјаните?
Археолозите сметаат дека богатството било брзо пренесено преку морето до Џерси за да не падне во рацете на римската војска на Јулиј Цезар за време на Галските војни.
При геофизичкото истражување, тимот открил линеарни аномалии долги десетици метри, поставени паралелно и нормално една на друга. Некои од нив имаат поделби што потсетуваат на доцно-железнодобни рурални келтски населби во северна Франција.
Археологот Ерве Дивал-Гатинол изјави: „Ова би можело да претставува дел од правоаголен заграден простор што е во согласност со познати форми на рурални населби од доцното железно време во Арморика“.
Исто така, откриени се и мали магнетни аномалии кои можеби укажуваат на јами и основи од градби.