Речиси 160 километри автопат беа изградени исклучиво од автономни машини со помош на вештачка интелигенција, дронови и сателитска мрежа.
Комбинацијата на вештачка интелигенција, беспилотни летала и автономни машини изгради автопат долг речиси 160 километри, а при неговата изградба не учествуваше ниту еден работник.
Проектот беше реализиран во октомври минатата година на автопатот кој ги поврзува Пекинг, Хонгконг и Макао.
Клучна улога во овој голем потфат имаше флотата на автономна градежна опрема развиена од кинескиот производител на тешки машини „Сан“. Меѓу автономните машини се најдоа 20 метри широка машина за полагаше асфалт без екипаж, шест валјаци со двоен барабан од 13 тони и три гумени валјаци од 30 тони.
Положбата на машините ја следеше кинескиот сателитски систем за навигација „Beidou“, а напредните алгоритми и комуникациските мрежи со ниска латентност овозможија прецизно планирање на рутата и беспрекорно поставување на нов асфалт.
Секој уред беше опремен со електронски безбедносни огради, функции за итно запирање и систем за континуирано препознавање пречки. Овие заштитни технологии овозможија автономната опрема динамично да се приспособи на промените во околината и потенцијалните опасности.
Централната машина на проектот беше „SAP200C-10“, која постави светски рекорд со асфалтирање на патна лента широка 19,25 метри со само еден премин. Оваа иновација значително ја забрза изградбата, го намали бројот на споеви, ја подобри мазноста на патот и ја зголеми неговата структурна издржливост.
Проектот претставува значителен напредок во асфалтирањето и поставува нови стандарди во градежништвото ширум светот. Исто така, докажа дека автоматизацијата, поддржана од вештачка интелигенција, може да ги намали трошоците, да ги скрати роковите за изградба и да го подобри квалитетот на градбата.