Откако направиле експеримент сличен на шоуто на Труман, научниците успеале да го предвидат животниот век на своите 81 „испитаник“.
Науката е еден чекор поблиску до тоа да може точно да го предвиди нашиот животен век врз основа на нашите дневни навики, благодарение на нова студија од Универзитетот Стенфорд, пренесе „Би-би-си сајенс фокус“.
Истражувачите го следеле однесувањето на 81 африканска тиркизна риба во аквариуми под видеонадзор во текот на целиот нивен животен век – односно, од четири до осум месеци.
По анализата на милијарди видеоснимки, научниците потоа биле во можност да ги поврзат моделите на секојдневно однесување со веројатноста за подолг живот.
„Еден од главните наоди на оваа студија е дека однесувањето е неинвазивен индикатор за процесот на стареење“, изјавила за „Би-би-си сајенс фокус“, коавторката на студијата, д-р Клер Бедбрук, биоинженер и невронаучник.

„Ова сугерира дека следењето на едноставни метрики, како што се активноста и спиењето, во текот на 24-часовен циклус може да нѝ покаже каде се наоѓаме во процесот на стареење – па дури и да го предвиди нашиот иден животен век“, додала таа.
Бедбрук објаснила дека бидејќи паметните часовници се веќе широко распространети, научниците наскоро би можеле да „разберат и квантификуваат каде се наоѓа поединецот на своето патување од зрелоста до смртта“.
Во меѓувреме, резултатите од оваа студија можат да нè научат за процесот на стареење кај животните со сложени мозоци.
Едно од откритијата било дека веќе во раната средна возраст – околу 70 до 100 дена од животот – рибите што ќе живеат подолго веќе покажувале различно однесување од оние што умреле порано.
„Мислам дека е многу интересно што можевме да го набљудуваме однесувањето на животното на релативно млада возраст и точно да ја процениме неговата возраст, како и дали ќе живее долго или кратко“, рекол коавторот на студијата, д-р Рави Нат, невронаучник и генетичар.
Научниците особено забележале разлики во моделите на спиење. Рибите што живееле подолго најчесто спиеле ноќе, додека оние со пократок животен век спиеле сè повеќе и повеќе во текот на денот веќе во млада зрелост.

Истовремено, поактивните риби – оние што пливале поенергично, побрзо и спонтано во текот на денот – имале поголема веројатност да живеат подолго.
Научниците идентификувале вкупно 100 различни „слогови на однесување“, кои се однесуваат на кратките дејства што ги сочинуваат основните елементи на однесувањето на овие риби и многу од нив ги поврзале со животниот век.
Користејќи модели на машинско учење, истражувачите биле во можност точно да го предвидат животниот век на поединечна риба врз основа на само неколку дена податоци за однесувањето во средината на животот.
Научниците, исто така, откриле дека рибите стареат во две до шест фази, наместо континуирано – откритие кое се совпаѓа со неодамнешните истражувања кај луѓето.
„На почетокот претпоставував дека стареењето е постепен процес, каде што секој ден е малку полош од претходниот“, рекла Бедбрук. „Наместо тоа, следењето на однесувањето покажува долги периоди на стабилност испрекината со нагли промени, за време на кои животните брзо стареат и влегуваат во нова животна фаза“, истакнала таа.
Идните истражувања би можеле да го анализираат однесувањето во поприродна средина, велат научниците, што би им овозможило на рибите да имаат поголем социјален контакт едни со други.















