Фридрих Мерц (ЦДУ), конзервативниот фаворит за нов германски канцелар, изрази загриженост за насоката во која се движат САД во вториот мандат на Доналд Трамп, пишува Политико.
Германскиот кандидат за канцелар во средата вечерта се обрати пред насобраните на митингот во Синген, истакнувајќи дека промените во американската администрација се загрижувачки. „Ова повеќе не е Америка што ја познававме“, рече Мерц, мислејќи на големите кадровски и институционални промени во администрацијата на Трамп.
„Начинот на кој се менуваат функционерите, начинот на кој се менуваат структурите на Министерството за правда и државните обвинителства, начинот на кој масовно се делат помилувањата на луѓето осудени на повеќегодишни казни – сето тоа ќе има последици за Америка“, предупреди Мерц.
Предупредувањата на Мерц доаѓаат во време на масовни отпуштања и намалувања во американската администрација, како и во секторот за странска помош, откако Трамп повторно ја презеде функцијата претседател. Неговата администрација испрати масовни мејлови до вработените во владините институции нудејќи им „одложени оставки“, отстрани неколку федерални инспектори и отпушти десетици обвинители поврзани со гонење случаи поврзани со нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.
Дополнително, САД ја замрзнаа странската помош и најавија планови за ставање на речиси сите вработени во американската Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД) на платен одмор.
Трамп, исто така, најави амбиции да ја преземе контролата врз Појасот Газа, Гренланд и Панамскиот канал, не исклучувајќи ја можноста за употреба на воена сила.