Почина Игор Југ, осуденик за „27 април“ кој издржуваше 12-годишна затворска казна. Тој беше на прекин од издржување на казната поради влошената здравствена состојба. Југ починал дома на 54 години, од кои осум ги помина зад решетки.
Кривичниот суд демантира дека сега веќе починатиот Игор Југ побарал повторување на судскиот процес за настаните од „27 април“. Од Судот излегоа со соопштение по смртта на Југ. Ги демантираат, како што велат, наводите дека судот не одлучувал по неговото барање.
- Заради повеќе медиумски објави како и новинарски прашања кои утрово беа доставени во судот, ја информираме јавноста дека: Во однос на лицето Игор Југ, кој е правосилно осуден во предметот со КОК .бр. 40/18 за настаните кои се случија во Собранието на РСМ од правосилноста на пресудата, па се до овој момент, до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје НЕ е доставено било какво барање од осудениот или неговиот бранител за повторување на постапката, стои во соопштението.