Студија: Популарниот додаток во исхраната може да ја намали агресијата за 28 проценти

Точка

03/02/2025

13:24

1.033

Големина на фонт

а а а

Масните киселини, достапни како додатоци во исхраната преку капсули со рибино масло и за кои се смета дека помагаат во менталната и физичката благосостојба, исто така може да ја намалат агресијата, според студија од 2024 година.

Овие откритија не дошле случајно – омега-3 претходно беше поврзана со спречување на шизофренијата, додека се смета дека агресијата и асоцијалното однесување делумно потекнуваат од недостатоците во исхраната. Она што го јадеме може да влијае на хемијата на нашиот мозок.

Истражувачите од Универзитетот во Пенсилванија спроведоа претходни, помали студии за ефектите на суплементот омега-3 врз агресијата. Нивната мета-анализа набљудувала 29 рандомизирани контролирани испитувања со вкупно 3.918 учесници.

Во сите испитувања, бил пронајден скромен, но забележлив краткорочен ефект, што довело до намалување на агресијата до 28 отсто кај повеќе варијабли (вклучувајќи возраст, пол, медицинска дијагноза и должина и доза на лекувањето).


„Мислам дека дојде време да се примени суплементацијата на омега-3 за да се намали агресијата, без разлика дали се работи за опкружување на заедницата, клиниката или системот на кривичното правосудство“, рекол неврокриминологот Адријан Рејн кога била објавена мета-анализата.

Испитувањата вклучени во студијата, спроведени помеѓу 1996 и 2024 година, траеле во просек 16 недели. Тие покривале различни демографски категории, од деца на возраст од 16 години и помали до постари лица помеѓу 50 и 60 години.

Намалувањето на агресијата вклучувало и реактивна агресија (како одговор на провокацијата) и проактивна агресија (однапред планирано однесување).

Пред оваа студија, не беше јасно дали омега-3 може да помогне кај овие различни видови на агресија.

Иако ќе бидат потребни поголеми студии во подолги временски периоди за понатамошно воспоставување на овој однос, тоа придонесува за нашето разбирање за тоа како таблетите со рибино масло и омега-3 во нив може да бидат корисни за мозокот.

„Во најмала рака, родителите кои бараат лекување за агресивно дете треба да знаат дека покрај секој друг третман што го добива нивното дете, дополнителна порција или две риби секоја недела исто така може да помогне“, рекол Рејн.


Истражувачите мислат дека нешто во начинот на кој омега-3 го намалуваат воспалението и ги одржуваат виталните процеси на мозокот може да помогне во регулирањето на агресијата. Сè уште има многу неодговорени прашања, но тимот укажува на тоа дека има доволно докази за дополнително да се истражи ова, пренесува „Саенс алерт“ (Science alert).

„Ако ги земеме предвид студиите кои покажуваат дека лековите добиени од рибино масло можат да помогнат да се намали ризикот од фатални срцеви и мозочни удари и други здравствени проблеми на срцето, се чини дека има многу придобивки од додавањето малку омега-3 во вашата исхрана. Врз основа на овие наоди, ние цврсто веруваме дека тоа може да помогне и треба да почнеме да дејствуваме врз основа на новото сознание што го имаме“, рекол Рејн.


Истражувањето е објавено во списанието „Агресија и насилно однесување“ (Aggression and Violent Behavior).

Претходната верзија на овој напис беше објавена во јуни 2024 година.