Бил Гејтс, основачот на Мајкрософт и еден од најпознатите технолошки лидери во светот, неодамна изјави дека некои од неговите претходни предвидувања во областа на технологијата не се оствариле како што очекувал.
Во неодамнешно интервју за „Њујорк тајмс“ тој зборуваше за тоа како некои од неговите прогнози за технолошката индустрија не се совпаднале со реалноста. Гејтс, кој го основа технолошкиот гигант во 1975 година, има долгогодишно искуство и бил сведок на значајни културни промени и иновации во Силиконската долина.
Како човек кој е дел од индустријата уште од нејзините почетоци, Гејтс имал можност да види како технологијата и пазарот еволуираат на начини што не можел целосно да ги предвиди. Тој истакнува дека, иако многу од неговите предвидувања биле точни, имало и моменти кога работите се развивале во сосема неочекувана насока.
Едно од најголемите изненадувања за Гејтс беше тоа што лидерите на технолошката индустрија, наместо да се фокусираат на прогресивните, либерални вредности кои традиционално се поврзуваат со Силиконската долина, сè повеќе се наклонети кон десничарските политички ставови. Гејтс призна дека не можел да го предвиди овој политички пресврт, имајќи предвид дека технологијата долго време беше асоцирана со прогресивни идеи, иновации и отворени општества.
Тој истакна дека некои од неговите колеги, како Марк Цукерберг, Илон Маск и Џеф Безос, му покажале поддршка на поранешниот претседател Доналд Трамп. Овие технолошки лидери присуствуваа на инаугурацијата на Трамп, па дури и се среќаваа со него на социјални настани, како борби во УФЦ. Иако Маск и Цукерберг во голема мера ги чуваа своите политички ставови приватни во минатото, нивното дружење со Трамп предизвика големо внимание во јавноста и медиумите.
Гејтс, исто така, посочи дека појавата на социјалните мрежи, како Фејсбук и Твитер, предизвика голем пресврт во технологијата – нешто што тој не можеше целосно да го предвиди. Како што овие платформи станаа сеприсутни, тие доведоа и до бројни „негативни ефекти“, кои Гејтс признава дека не ги очекувал во моментот на нивното создавање.
Тој истакна дека, иако порано бил многу пооптимист за технолошкиот напредок, сега е помалку сигурен за иднината на оваа индустрија. Гледајќи нанапред, повторно изрази загриженост за развојот на вештачката интелигенција (ВИ). Според него, иако ВИ може да донесе бројни придобивки, постојат и сериозни ризици, особено во однос на нејзината злоупотреба од страна на злонамерни поединци или организации.
„Сега мораме да бидеме внимателни дали лошите луѓе ќе ја искористат вештачката интелигенција“, рече Гејтс во интервјуто за „Њујорк тајмс“.
Тој објасни дека, во случај на злоупотреба на ВИ, најдобриот одговор би бил развој на технологии кои ќе можат да се користат за заштита од негативни влијанија. Според него, клучно е „добрите луѓе“ да имаат пристап до напредни технологии за ВИ, кои ќе можат да го заштитат општеството од потенцијалните опасности што произлегуваат од нејзината злоупотреба.