Развиена е нова видеоигра која може да открие аутизам кај децата за само 60 секунди. Играта е базирана на компјутерската алатка „CAMI“ (Компјутеризирана процена на имитација на движења).
Поконкретно, се потпира на технологијата за следење на движењата за да ги открие разликите во моторичката имитација. Системот го развија истражувачи од Институтот Кенеди Кригер и Универзитетот Нотингем Трент.
Играта функционира така што на екранот се прикажува фигура на маж кој прави одредени движења, а децата треба да го имитираат него.
Студија
Истражувачите спровеле студија во која учествувале 183 деца на возраст од седум до 13 години. Децата 60 секунди ги имитираа танцовите потези што ги видоа на екранот. „CAMI“ успешно го идентификуваше аутизмот со 80% точност, додека разликувањето на аутизмот од АДХД го идентификуваше со 70% точност.
Стјуарт Мостофски, педијатриски невролог и директор на Центарот за истражување на невролошкиот развој на Институтот Кенеди Кригер, рече дека алатката „CAMI“ е голем чекор напред во дијагностицирањето на аутизмот.
„Дијагностицирањето на аутизмот може да биде предизвик, особено кога детето покажува преклопувачки особини со други состојби, како што е АДХД. Ако аутизмот е погрешно дијагностициран, тоа може да влијае на поддршката и третманот кои детето ги добива. „CAMI“ помага попрецизно да се идентификува аутизмот“, рече Стјуарт.
Традиционалните методи се фокусираат на комуникација
„CAMI“ ги истражува моторните тешкотии кои често го придружуваат аутизмот. Традиционалните методи за дијагностицирање на аутизмот главно се засновани на следење на вештините за социјална комуникација. Временски подолго се проучуваат и бараат експерти обучени за препознавање на аутизам.
Во споредба со традиционалните методи, видеоигрите се забавни, даваат брзи резултати и лесно се толкуваат.
Бидејќи „CAMI“ ги препознава разликите помеѓу аутизмот и АДХД, истражувачите се надеваат дека ќе инспирира развој на други алатки кои ќе бидат побрзи и поефикасни за дијагностицирање на некои други состојби.
„Оваа алатка има потенцијал да ја трансформира дијагностиката на аутизмот на глобално ниво“, изјави Мостофски. „Со попрецизно идентификување на аутизмот, на децата можеме да им обезбедиме соодветни интервенции кои го подобруваат квалитетот на животот и долгорочните резултати. Нашата цел е „CAMI“ да стане широко достапен во клиниките како брзо, евтино и лесно дијагностичко решение“, додаде тој.