Апсолутен и оправдан е револтот на граѓаните и тука нема никаква дилема и еден од начините да се надмине сето ова е токму оној систем што треба да детектира ваков тип дивеење на булеварите и улиците, и тоа не само во главниот град туку и насекаде во државата.
И мислам дека, не мислам – туку знам, Министерството за внатрешни работи тоа како постапка го спроведува и набргу од денеска ќе имаме еден таков систем кој ваков тип на дивеење ќе санкционира и тоа мора да се случи колку и да треба политички куршуми да добиеме ние, тоа мораме да го инсталираме, имплементираме и да преземеме казнена политика, која ќе биде ригорозна. Затоа што и еден живот да спасиме, сме ја постигнале целата, вели претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
„За жал прерано згасна еден млад живот поради еден ваков дивјак, кој се однесувал дивјачки на улиците во главниот град. Но, за мене, понеодговорно е однесувањето на одредени политичари со некрофилска политика, кои се обидуваат на ваков начин, преку пораки што згрозуваат, да привлечат политичко внимание и да добијат политички поен“, посочи премиерот Мицкоски.
„Ова е граѓански и оправдан протест и го поддржувам и во таа насока размислувам како премиер и како претседател на Владата. Но, што побргу системот ‘Безбеден град’ треба да биде инсталиран, да функционира и сите законски измени што се неопходни да бидат донесени. Јас мислам оваа година сето тоа ќе биде ставено во функција. Жалам што во годините претходно сето ова не било направено.
Во овој буџет, тука е и министерката, веќе се обезбедени средства, не само во градовите туку и на клучните артерии, автопатски и експресни патишта, кои ја поврзуваат државата со соседните држави, така што како Влада можеме тоа и да го направиме.
Она за што сум информиран е дека лицето што го сторило инцидентот е приведено, одредена му е мерка од 30-дневен притвор. И се надевам дека овој, како што вие го квалификувавте, судско обвинителски систем, со доверба помала од 2 процента кај граѓаните, конечно ќе се ослободи од партиските и други влијанија и ќе суди и обвинува според законот и навистина нема да прави и нема да толерира ваков тип на личности, кои, ако навреме не ги санкционирате, гледате што сѐ може да направат“, рече премиерот Мицкоски.
„Згрозен сум од политичарите некрофили, кои на ваков начин сакаат да добијат политички поен, апсолутно револтот на граѓаните го поддржувам и жалам како прв човек на Владата што прерано згасна еден ваков млад човечки живот.
И се надевам дека многу бргу од денеска сето ова за што зборував ќе биде инсталирано, имплементирано и ќе спасуваме човечки животи, да не згаснуваат прерано како што згасна овој“, коментира претседателот на Владата, Мицкоски.