Возачот кој ја усмрти Фросина на „Партизанска“ возел под дејство на алкохол, без возачка и поминал на црвено светло

Макфакс

30/01/2025

19:52

3.554

Големина на фонт

а а а

Дваесетгодишникот кој синоќа усмрти 22-годишна девојка на Партизанска, управувал возило на неговиот татко, без возачка дозвола, а бил и под дејство на алкохол.

Скопското Обвинителство донесе наредба за истражна постапка.

„Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со ул.„29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка. Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала“, велат од Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Возачот кој ја усмрти Фросина бил гонет за дрога, а судот го пратил во поправен дом третирајќи го како помлад полнолетник

Обвинителството го потврди минатото со дрога на младиот возач од Скопје (В.Ј.) кој синоќа ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова на улицата Партизански одреди.

Од тука велат дека дека барале продолжување на мерката притвор за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, но судот донел пресуда со кој на обвинетиот му била изречена заводска мерка – упатување во воспитно -поправен дом Тетово, третирајќи го сторителот како помлад полнолетник.

„Во текот на целата постапка, токму по предлог на јавниот обвинител лицето беше во притвор, а при изрекување на пресудата Судот ја укина притворската мерка за обезбедување. Незадоволен од пресудата, имајќи го притоа предвид и претходното поведение на сторителот, јавниот обвинител вложи жалба и предметот е во жалбена постапка“, велат од Обвинителството.

Од тука претходно информираа дека возачот кој ја прегази Фросинаа возел пијан, без возачка дозвола и поминал на црвено светло, додека девојката ја поминувала улицата на обележан пешачки премин.