Ригорозни контроли за цените во два големи ланци на маркети од денес, инспекторите ќе утврдуваат дали ги изигрувале законите

Макфакс

29/01/2025

14:18

2.347

Големина на фонт

а а а

Во пресрет на најавениот бојкот на маркетите поради лажно намалените цени, премиерот Христијан Мицкоски извести дека од денес се почнати вонредни контроли во два големи ланци на маркети.

Одговорајќи на новинарски прашања по симулацијата на хибриден напад во касарната „Гоце Делчев“, премиерот рече дека однесувањето на маркетите го сфаќа како напад врз стандардот на граѓаните.

„Утрово пред да дојдам на овој настан имав координација со министерот за економија и труд, заменикот, претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата и директорот на Државниот пазарен инспекторат на кој што договоривме чекори кои што ќе се случат почнувајќи од денеска. Знаете дека за време на вчерашната прес-конференција беа потенцирани два ланци на маркети кои што можеби прават одредени би рекол изигрувања на законите и процедурите и денеска и следните денови истите тие ќе подлежат на ригорозна контрола. Според информациите со кои располагаме имаме околу дваесеттина илјади коминтенти по ланец супермаркети и ќе треба длабоко да се навлезе во тоа да видиме дали постојат вакви индиции. Истовремено и други трговски објекти ќе бидат подложни на ваков тип контроли бидејќи стандардот на граѓаните е наш приоритет и ние ќе сториме се како Влада да го заштитиме стандардот на граѓаните. И тоа треба сите да го знаат и да знаат дека сме сериозни. Овој напад го сфаќаме како напад врз стандардот на граѓаните, а ние како Влада имаме право и обврска да го штитиме интересот, јавниот и интересот на граѓаните“, рече премиерот Мицкоски.


Тој вчера ја поддржа иницијативата за бојкот на маркетите в петок под мотото „Попусто попусти кога цените се исти!“ и потсети дека од самиот почеток зборува за однесувањето на поединци во тој бизнис кои се обидуваат на шпекулативен начин да генерираат високи профити.

Иницијативата за бојкот на маркетите в петок ја поддржа СДСМ од каде сметаат дека граѓаните се организираат за бојкот оти Владата не ги поддржала, а ВМРО-ДПМНЕ, пак, го поддржа бојкотот со објаснување дека одредени маркети со зголемувањето на цените влијаат директно врз зголемувањето на сиромаштијата.