Дисциплинска постапка против двајца јавни обвинители од Вишото јавно обвинителство

Макфакс

30/01/2025

15:52

474

Големина на фонт

а а а

Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција едногласно донела решение со кое се поведува дисциплинска постапка против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, за сторена тешка дисциплинска повреда согласно член 91 ст.1 алинеја 1 и 6 од Законот за јавното обвинителство.

Исто така, Комисијата едногласно донела решение со кое се поведува дисциплинска постапка против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје и еден јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје за сторена тешка дисциплинска повреда согласно член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство.

„Постапувајќи по предлогот на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Комисијата одржа расправа на која ги разгледа писмените извештаи од известителите по предлогот за поведување дисциплински постапки и писмените изјаснувања на јавните обвинители, по што оцени дека постои основано сомнение дека во двата случаи јавните обвинители сториле тешки дисциплински повреди.

Во првиот случај, дисциплинската постапка е поведена против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје поради констатирани неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје. Втората дисциплинска постапка е поведена против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје заради нестручно и несовесно работење во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение, како и против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети.

Бидејќи Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје е веќе оддалечен од функцијата поради кривична постапка која се води против него, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска донесе одлука за оддалечување од функцијата и на другиот јавен обвинител против кого е поведена дисциплинска постапка се додека трае постапката против него“, се истакнува во соопштението.