Лука Карабатиќ е задолжен за деструкција на противничката игра како специјалист за одбрана во дефанзивната линија на Франција, но судбината вчера посака да биде херој во офанзивен план во лудото полуфинале со Египет.
Египќаните го намачија апсолутниот фаворит за полуфинале и го натераа да стравува за победата до последен момент, па иако на четири секунди пред крајот се чинеше дека ќе гледаме продолженија, такви мисли очигледно немаше Лука.
Искусниот Карабатиќ ја доби топката од Дезбоне на 2 секунди пред крајот и успеа да ја спроведе топката во празната мрежа на три стотинки пред истекот на времето, па во целата ситуација мораше да биде вклучен и ракометниот ВАР.
Ѓорѓи Начевски и Славе Николов добија дополнителна задача и мораа да прегледуваат дали голот е регуларен, а повторената снимка покажа дека топката навреме ја минала гол линијата.
🤯 Luka Karabatić je golom u poslednjoj sekundi odveo Francusku u polufinale Svetskog prvenstva! pic.twitter.com/GBVnyWWRgZ
— Arena Sport TV (@arenasport_tv) January 28, 2025
Тоа донесе тесна и драматична победа за Франција со резултат 34:33, по што херојот Карабатиќ бил и главна мета на француските новинари на крајот од средбата.
– Го погледнав семафорот и видов дека преостануваат уште три или четири секунди. Да бидам искрен, знаев што правам, си реков дека мора да се обидам. Немав што да загубам и на крајот излезе добро по нас, – изјавил Карабатиќ, кој открил дека многу му олеснало кога Начевски и Николов ги кренале рацете за крај на натпреварот.
– Тоа беа тешки и неповторливи моменти, малку ми се расипа расположението бидејќи не можев да експлодирам од радост. Ќе испадневме навистина глупави ако голот не беше признат, но кога судиите ги подигнаа рацете и свирнаа за крај на натпреварот, тоа ми донесе огромно олеснување, – открива Лука.