Шпанецот Хулен Лопетеги е во преговори со Фудбалскиот сојуз на Белгија за селекторската функција, објавија во неделата белгиските медиуми.
Тој е без работа откако го напушти Вест Хем на 8 јануари. Белгискиот фудбалски сојуз минатата недела го отпушти Доменико Тедеско по разочарувачките резултати во последните две сезони.
Лопетеги (58) е едно од имињата кои најчесто се споменуваат како наследник на Тедеско, заедно со Французинот Тиери Анри.
Помеѓу септември 2016 и јуни 2018 година, Лопетеги имаше 20 натпревари без пораз на чело на шпанската репрезентација.
Иако Шпанија под негово водство се квалификуваше за Светското првенство во 2018 година, тој таму не ја водеше Ла Роха. Имено, на неколку дена пред почетокот на турнирот, поради најавата за трансфер во Реал Мадрид по завршувањето на Светското првенство, Лопетеги беше разрешен и на негово место дојде Фернандо Јеро.
Тој по 14 натпревари доби отказ од Реал Мадрид и се врати во Севилја со која ја освои Лигата на Европа 2019/2020 година. Во изминатите две сезони, работеше во Премиер лигата, каде прво беше тренер на Вулверхемптон, а потоа и на Вест Хем.