Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, изрази уверување дека спроведувањето на прекинот на огнот во Газа ќе почне в недела, на 19 јануари. Неговите коментари дојдоа откако Израел го одложи владиното гласање за договорот и го обвини Хамас дека поставува нови услови.
„Уверен сум и целосно очекувам дека имплементацијата ќе започне, како што рековме, в недела (19 јануари)“, рече Блинкен на последната прес-конференција пред промената на американската администрација.
Државниот секретар изјави дека тој и други претставници од администрацијата на претседателот Џо Бајден, чиј мандат завршува на 20 јануари, биле на телефон за да се обидат да ги решат прашањата околу прекинот на огнот. Договорот беше објавен на 15 јануари преку посредникот Катар, пренесе „Франс прес“.
„Воопшто не е изненадувачки што во преговарачкиот процес, кој беше толку тежок и непредвидлив, може да има некоја незавршена работа“, рече Блинкен, додавајќи: „Се обидуваме да ги разработиме тие детали и сега“.
Според Ал Џезира, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им рекол на семејствата на заложниците на Хамас дека во следните фази од примирјето во Газа, неговата земја ќе добие подобри услови, бидејќи Доналд Трамп ќе биде во Белата куќа.
Исто така, медиумите ја дефинираат втората фаза како голем предизвик за траен мир.
Првата фаза од примирјето договорено во Катар треба да започне со прекин на огнот оваа недела, при што Хамас треба да ослободи 33 заложници, главно жени, деца и постари лица.
Оваа прва фаза ќе трае 42 дена, а Израел треба да ги ослободи палестинските затвореници додека 600 камиони хуманитарна помош дневно предвидено е да влезат во Газа.
Следните две фази ќе влијаат на израелското воено присуство во коридорот Филаделфија меѓу Газа и Египет, како и ослободување на повеќе заложници на Хамас.
Според Ал Џезира, дали прекинот на огнот ќе биде траен ќе зависи и од овие претстојни преговори.