Вечерва министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски имаше можност да го претстави македонското вино на настан кој што го организираше Државното претставништво на Северна Рајна Вестфалија во Берлин и македонската амбасада.
„За нас, како мала земја, македонската винска индустрија е од особена важност бидејќи покажува позитивен потенцијал, позиционирајќи се себеси како втор најголем извозник во земјоделскиот сектор“, истакна министерот Трипуновски на настанот.
„Главната стратешка цел во политиките за лозарство и винарство е да се фокусира производството на локални сорти како Вранец, Станушина, Кратошија, Темјаника, Смедеревка и висококвалитетно грозје“, додаде тој.
Министерот посочи дека климата во Македонија обезбедува идеални услови за да се истакнат најдобрите карактеристики на грозјето, а преку производствени практики воспоставени со Законот за вино, кој е усогласен со европското законодавство, се унапредува вековната традиција на лозарство и винарство.
„Вкупната површина на лозови насади е 23.000 хектари, од кои 21% се во сопственост на индивидуални производители на грозје, а 79% се на винарии. Иако значителен процент им припаѓа на малите семејни винарии со капацитет до 50.000 хектолитри“, појасни министерот Трипуновски.
„Користејќи ги националните и европските фондови за финансиска поддршка, винариите сè повеќе инвестираат во надградба на опрема, реконструкција на плантажи, винарии, како и во инвестирање во човечки потенцијал, со јасна визија за производство на висококвалитетно флаширано вино“, истакна тој.
Министерот при своеото обраќање истакна дека токму преку ваквите настани се отвора можност за промоција на македонското вино и неговиот пласман на европските пазари.