Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес го обвини палестинскиот Хамас дека „создава криза во последен момент“ и со тоа го одложува израелското одобрување на долгоочекуваниот договор за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободувањето на десетици заложници.
Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека владата, спротивно на очекувањата, нема да се состане за да го одобри договорот за прекин на огнот и ослободувањето на заложниците во замена за палестинските затвореници, додека посредниците не ја известат дека Хамас „ги прифатил сите елементи од договорот“, пренесуваат израелските медиуми.
Иако катарскиот премиер и американскиот претседател во заминување синоќа најавија дека е постигнат договорот и дека ќе стапи на сила на 19 јануари, Нетанјаху продолжи да инсистира дека не се договорени сите детали.
„Хамас се враќа на одредени точки од постигнатиот договор во обид да изнуди отстапки во последен момент“, се вели во соопштението од кабинетот на Нетанјаху.
Кабинетот на Нетанјаху во текот на ноќта соопшти дека спорот настанал околу ослободувањето на палестинските затвореници, тврдејќи дека Хамас „бара да се диктира идентитетот на тие убијци“ и дека тоа е спротивно на договорените услови.
Според верзијата на договорот што стигна во јавноста, затворениците ќе бидат ослободени „врз основа на списоци договорени од двете страни“.
Високиот функционер на Хамас, Изат ел Ришек, денес ги негираше обвинувањата дека екстремистичката група се откажала од некои точки од договорот, велејќи дека е посветена на него. Засега не е јасно дали изјавите на Нетанјаху се насочени кон зачувување на неговата поделена коалиција или договорот со Хамас е навистина загрозен, наведува „Асошиејтед прес“.
Хамас денес соопшти дека најмалку 73 лица, меѓу кои 20 деца, се убиени во израелските воздушни напади врз Појасот Газа од синоќешното соопштение дека е постигнат договор. Војната во Појасот Газа започна на 7 октомври 2023 година, откако палестинските екстремисти предводени од Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел, каде што убија околу 1.200 и киднапираа повеќе од 250 луѓе.
Во израелската офанзива на Појасот Газа која следеше, загинаа повеќе од 46.000 Палестинци, според Министерството за здравство на владата на Хамас, кое не прави разлика меѓу борци и цивили.