Познатиот готвач Џејми Оливер отворено зборуваше за своето нарушување, критикувајќи го и образовниот систем.
Џејми Оливер отворено зборуваше за неговата „борба“ со дислексијата во новиот документарен филм на Канал 4.
Светски познатиот готвач (49), кој едвај го завршил училиштето, проговорил и за недостатоците во образовниот систем во Велика Британија, кој не вклучува доволно луѓе со дислексија.
Ова е и личен проект за ТВ ѕвездата, која со оваа состојба живее уште од основно училиште, пишува „Дејли Мејл“.
Зборувајќи за овој нов проект, Џејми рече: „Не е тајна дека се мачев на училиште – но бев еден од среќните. Знаев дека сакам да бидам готвач, па имав каде да одам – угостителско училиште, каде што можев да напредувам. Кујната ме спаси“, изјавил Џејми Оливер.
Според весникот „Сан“, тој додал: „Но, не сите имаат толку среќа. Што се случува со оние кои не знаат каде да се обратат? Не можеме да ја оставиме иднината на децата на случајноста. Мора да го модернизираме образовниот систем за да секој има најдобра можна шанса во животот.“
Џејми има за цел да ги предизвика властите да го реформираат „застарениот“ образовен систем, кој, според него, не успева да ги вклучи децата со дислексија.
Неговиот претстоен документарен филм, кој треба да се емитува подоцна оваа година, истражува како училиштата можат да ги ценат различните начини на размислување и да го редефинираат концептот на успех во современиот свет.
Познатиот готвач додал: „Сакам да ги погледнам тринаесетгодишниците кои се мачат со читањето во очи и да им кажам: „Не сте безвредни“.
Тим Хенкок, уредник за емитување, изјави: „Нема поефективен активист од Џејми, а сега тој ја носи својата експертиза на тема што му е блиска до срцето.“
Дислексијата е нарушување во учењето кое главно влијае на точното и флуидно читање на зборовите и правописот.
Таа може да влијае на луѓе од сите нивоа на интелигенција и да предизвика слаб или неконзистентен правопис и пишување, како и потенцијални тешкотии со следење на упатствата или организацијата.