Актерката Џејми Ли Кертис се соочува со бурни реакции откако ги спореди уништените населби во Лос Анџелес со земјите разурнати од војна на Блискиот Исток.
Имено, 66-годишната актерка присуствуваше на прес-конференција за премиерата на филмот „The Last Showgirl“ каде одговараше на прашања од публиката.
На почетокот од нејзиното обраќање таа истакна дека е родена и израсната во Лос Анџелес, кој сега целосно „исчезнал“ и дека поради тоа ѝ е бизарно да зборува за филмот, а ситуацијата во Лос Анџелес ја спореди со војна.
„Целосниот Пацифик Палисадес изгледа како, за жал, Газа или една од овие земји разурнати од војна, каде што се случуваа грозни нешта“, рече Кертис.
Нејзината изјава ги шокираше корисниците на социјалните мрежи, кои жестоко ја критикуваа во коментари но и во поединечни објави.
„Ова е вознемирувачко, особено од некој како неа“, „Не споредувајте природна катастрофа со геноцид“, „Ова се две нешта кои немаат никаква врска едно со друго“, „Џејми Ли Кертис е одвратна стара антисемитистка, која го одгледа перверзниот син“, „Таа е ментално болна ако ги споредува овие две нешта“, беа само дел од коментарите.
На почетокот од оваа недела, Кертис се огласи на Инстаграм, при што кажа дека многу нејзини пријатели ги загубиле своите домови и дека нејзината куќа исто така е во опасност од пожар. Таа, исто така, побара од луѓето да не објавуваат неточни информации за доброто на оние на кои им е потребна помош.
Потсетуваме, најмалку 16 лица загинаа во пожарите од вторникот, а уништени се најмалку 10.000 имоти. Калифорниските власти се борат со пожарите со федерална помош и партнерите од целата земја, па дури и од странство. Се верува дека ова може да стане една од најскапите пожарни катастрофи во историјата на САД.