Актерката Џенифер Гарнер се расплака во текот на интервјуто со репортерката на „MSNBC“, Кети Тур, при што призна дека поради пожарите во Лос Анџелес ја загубила пријателката.
„Мојата пријателка не успеа да излезе на време. Тажна сум за сите мои пријатели. Без размислување можам да набројам стотина луѓе кои ги загубија своите домови“, рече Гарнер.
За време на разговорот, Гарнер се потсети и како претходно изгледале улицата и населбата каде што живеела нејзината пријателка. Во интервјуто ѝ се придружи и готвачот Хозе Андрес, кој е основач на невладината организација „World Central Kitchen“, која обезбедува храна за погодените од пожарите ширум Лос Анџелес.
Исто така, актерката се приклучи на волонтерските напори за обезбедување храна за пожарникарите кои ги гаснеа пожари во Лос Анџелес.
Инаку Гарнер веќе 15 години е амбасадор на „Save the Children“ и често е вклучена во неколку непрофитни организации во областа. Таа и нејзиниот поранешен сопруг Бен Афлек ги здружија силите на Денот на благодарноста со цел да помогнат да се прехранат 2.000 бездомници во Лос Анџелес.
Досега повеќе од 100.000 луѓе се евакуирани од погодените области додека шумските пожари продолжуваат да се засилуваат поради силните ветрови. Пожарите уништија речиси 30.000 хектари земја, оставајќи илјадници згради во урнатини.