Актерот Џуд Ло во новото интервју за „Deadline“, објавено во четврток, потврди дека го толкува рускиот претседател Владимир Путин во претстојниот политички трилер наречен „Волшебникот од Кремљ“ (The Wizard of the Kremlin).
Ло ќе игра споредна улога во новиот филм на францускиот режисер Оливие Асајас кој ќе го отслика Путин на почетокот од неговата политичка кариера.
„Сè уште не сум почнал да работам на тој филм“, рече Ло за „Deadline“, пред да појасни: „Мислам, почнав, но во моментов ми изгледа како Еверест кој треба да го освојам, а јас се наоѓам на подножјето, гледам нагоре и си мислам: „О, Боже, зошто се согласив на ова?“
„Често се чувствувам така кога ќе се согласам на некој филм“, додаде тој, пишува „People“. „Помислив: „О, Боже, како ќе го изведам ова? Но, на мене е да го решам тоа“.
Остатокот од актерската екипа на филмот „Волшебникот од Кремљ“ ја сочинуваат Пол Дано, Алиша Викандер и Зак Галифианакис.
Филмот е инспириран од животот на контроверзниот руски политичар
Филмот е заснован на истоимената бестселер книга на францускиот автор Џулијано да Емполи, објавена во 2022 година, а сценариото го напишаа Асајас и Емануел Карере.
Главната улога во филмот ќе ја толкува Дано, кој ќе го толкува Вадим Баранов, театарскиот режисер и продуцент на реално шоу, кој подоцна станува главен советник на Владимир Путин. Баранов „ја меша вистината со лаги, вестите со пропагандата, а општеството го третира како големо реално шоу“.
Ликот на Вадим Баранов е инспириран од Владислав Сурков, поранешниот руски политичар за кој се вели дека е одговорен за подемот на Путин.
Инаку Ло можевме да го видиме и во минатогодишниот акциски трилер „The Order“, а тој моментално игра една од главните улоги во авантуристичката серија „Star Wars: Skeleton Crew“, која се емитува на „Disney+“.