Цените на храната благо паднаа во декември 2024 година, со значително поевтин шеќер и стабилни цени на житарките, објави денеска Агенцијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО).
Индексот на цените на ФАО за кошничката со основните прехранбени производи во просек изнесуваше 127,0 поени во декември, што е за 0,5 отсто помалку од ноември, пресмета ФАО. Сепак, во споредба со декември 2023 година, цените на храната се повисоки за 6,7 отсто.
Во текот на 2024 година, кошничкта со основните прехранбени производи беше поевтина за 2,1 отсто, при што значително пониските цени на житариците и шеќерот го надминаа поскапувањето на растителните масла, млекото и млечните производи и месото. Цените на шеќерот паднаа најмногу во декември, за 5,1 отсто во однос на ноември, благодарение на подобрените прогнози за жетвата на водечките производители. Во однос на декември претходната година, неговите цени се пониски за 10,6 отсто.
Млекото и млечните производи во декември поевтини од ноември, а поскапи од лани на глобално ниво
Забележливо падна и цената на млекото и млечните производи во последниот месец од минатата година, за 0,7 отсто во однос на ноември. Нивните цени се намалија за прв пат од април под притисок на пониските цени на путерот поради намалената побарувачка и акумулираните залихи. Во однос на декември минатата година, цените на млекото и млечните производи се повисоки за 17 отсто, а во текот на 2024 година се зголемени во просек за 4,7 отсто.
Цените на житото се задржаа на нивото од претходниот месец во декември. Во однос на декември 2023 година, тие се за 9,3 отсто пониски. Извозните цени на пченицата беа стабилни во декември, како одраз на рамнотежата помеѓу намалената побарувачка и подобрената понуда во Аргентина и Австралија, и лошите услови за културите на пченицата во Русија.
Цените на месото не се зголемија многу
Цените на пченката благо пораснаа благодарение на благо подобрениот извоз во САД, во услови на намалена понуда и силна побарувачка за украинскиот извоз. Во текот на минатата година, цените на житарките беа во просек за 13,3 отсто пониски од 2023 година. Тие се намалија втора година по ред, по рекордното ниво во 2022 година, забележува ФАО.
Растителните масла поевтинија за 0,5 отсто во декември во однос на ноември. Споредено со крајот на 2023 година поскапеле за 33,5 отсто. Во текот на целата 2024 година нивните цени беа во просек за 9,4 отсто повисоки од 2023 година поради намалената понуда, според ФАО. Месото беше исклучок на крајот на минатата година со месечен раст на цената од скромни 0,4 отсто. На годишно ниво неговите цени се зголемени за 7,1 отсто.