Итно прогласување на кризна состојба поради отровно загадениот воздух во Скопје, бара Левица

Макфакс

05/01/2025

11:22

992

Големина на фонт

а а а

Од партијата Левица изразуваат длабока загриженост за катастрофалната состојба со аерозагадувањето во Скопје, кој се наоѓа на врвот на светската листа на најзагадени градови. Според нив, Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ е неспособна и незаинтересирана за животот на сопствениот народ, а истовремено дозволува оваа катастрофа да продолжи секоја година.

„Ова е повеќе од негрижа – ова е геноцид спроведен со свесно игнорирање на состојбата која секоја година ‘нѐ посетува’ и убива“, велат од Левица, истакнувајќи дека најголем дел од одговорноста лежи кај вицепремиерот и министерот за животна средина Изет Меџити, кој според нив, ја користи функцијата за лични и партиски интереси наместо да се фокусира на борба против загадувањето.

Левица бара веднаш да се прогласи кризна состојба поради сериозноста на ситуацијата, и да започне масовна акција за борба против аерозагадувањето. Тие побараа мобилизација на инспекциските служби, затворање на најголемите загадувачи, и преземање на итни мерки за расчистување на диви депонии.

Партијата исто така бара ослободување од работа на сите ранливи категории, како хронично болни и бремени жени, кои се особено изложени на ризик од токсичниот воздух.

„Со владејачките гарнитури кои се склони на коруптивни практики, не е изненадувачки што и покрај високата смртност од аерозагадување, не се преземаат соодветни превентивни мерки и што ниту еден од главните загадувачи не сносел одговорност за оваа катастрофа“, додаваат од Левица.