[ВИДЕО] Трајановски: Ми се смееја кога ветив дека патот Крива Паланка-Страцин ќе биде готов до крај на 2024 година, извинете за доцнењето од три дена

Макфакс

04/01/2025

15:32

2.677

Големина на фонт

а а а

Од Крива Паланка до Страцин, место половина час како досега, од денес се патува само десет минути, а од Куманово до Крива Паланка место еден час, се патува четириесет минути. Патувањето од Скопје до Крива Паланка, пак, е скратено за половина час.

Со бина на новиот асфалт во близина на Страцин, денес свечено беше пуштен во употреба 25 километри долгиот експресен пат Крива Паланка-Страцин-Длабочица.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, кој вети дека патот ќе биде завршен до крајот на 2024 година, се извини за доцнењето.

„Поставив цел до крајот на 2024 година да биде завршен овој пат. Многумина не веруваа, многумина дури и се смееја, но еве го завршивме, го задоцнивме само три дена. Затоа ќе извините за задоцнувањето од три дена“, рече директорот Трајановски

Експресниот пат го претстави како прв капитален проект на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата завршен за само шест месеци. Посебно се заблагодари на работниците кои работеа и дење и ноќе и во лето и во зимо, на дожд и на снег и ги нарече херои.

Во низата благодарности за изградбата на експресниот пат, директорот Трајановски од бината кај Страцин му се заблагодари и поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески.

„Благодарам на сите кои учествуваа во изградбата на овој пат почнувајќи од Ставрески, Пешевски, Стојанов кој во 2015 година го потпиша договорот за заем со Светската банка во вредност од 93 милиони евра. Овој пат бил почнат во мај 2018 година и за жал по шест години, не беше завршен. Во јули 2024 година, кога бев избран за директор на ЈПДП, на првата делница во должина од 15 километри верувајте немаше ставено ниту еден квадратен сантиметар асфалт, а гледам денеска се фалат дека останале само финалните работи. Меѓутоа работата ја гледаат граѓаните, гледаат со кој интензитет се работеше во последниве шест месеци“, рече директорот Трајановски.

Кога го наследил проектот работите вели дека биле крајно забавени, имало слаба организација, слаба координација што довело до слаби резултати, но успеале да се организираат, првпат во земјава на овој пат асфалтирале во зимски услови со специјални методи и шест месеци успеале да го завршат.

Нов предизвик, Трајановски најави дека ќе му биде проектирање на експресен пат од Куманово до Страцин покрај завршување на сите веќе почнати проекти.

На свеченото пуштање во употреба на експресниот пат, Бен Нупнау, заменик-шеф на делегацијата на Европската Унија на македонски јазик рече дека овој пат е важен оти ги поврзува Скопје и Софија и придобивките од него се повеќекратни односно за луѓето кои ќе го користат секојдневно значи пократко и побезбедно патување, за бизнисот значи пониски транспортни трошоци и побрза достава на стока и услуги, а за регионот и за Европската Унија патот значи подобра поврзаност меѓу партнери кои споделуваат исти вредности и цели.

Министерот за транспорт Александар Николовски експресниот пат го нарече витална артерија за поврзување со Бугарија, а премиерот Христијан Мицкоски рече дека патот не треба да го присвојуваат ниту СДСМ ниту ВМРО – ДПМНЕ и нагласи дека тој е на граѓаните кои ќе го враќаат кредитот.

Владата вчера соопшти дека инвестициската вредност за изградба на експресниот пат е вкупно 93,7 милиони евра од кои 80,2 милиони евра се финансира со средства од Светска Банка и грант средства од 13,5 милиони евра.