Веќе на првиот ден од 2025 година, Нетфликс им „сервираше“ хит на корисниците, објавувајќи ја серијата „Missing You“.
За што се работи?
Серијата е адаптација на романот на Харлан Кобен. Романот „Missing You“ беше објавен во март 2014 година, а тоа е трилер кој ги истражува врските кои нè поврзуваат со нашето минато. Кобен изјави дека ова е неговата најнапната серија.
Дејството на серијата ја следи детективката Кет Донован, која пред единаесет години ја загубила љубовта на својот живот, нејзиниот вереник Џош, кој исчезнал без трага. Меѓутоа сè се менува кога, прегледувајќи ги профилите на апликацијата за запознавање, таа го здогледува неговото лице. Ова откритие повторно ги отвора нејзините рани и ја вовлекува во мистеријата за убиството на нејзиниот татко, како и откривање на долго скриените тајни од нејзиното минато.
„Мислам дека ова е мојата најнапната приказна до сега, а крајот особено ќе ве изненади. Неодамна повторно ја гледав серијата, и самиот бев измамен со расплетот, а јас го напишав. Верувам дека ќе бидете искрено трогнати. Јавете ми доколку пуштите солза на последната епизода од „Missing You“, изјави Кобен за „Digital Spy“.
Актерската екипа ја сочинуваат Розалинд Елеазар, Џесика Пламер, Ричард Армитаж, Ешли Волтерс и Сер Лени Хенри. Соработката на Кобен со Нетфликс резултираше со бројни хитови низ годините, вклучувајќи ги „Stay Close“, „Fool Me Once“ и „The Stranger“.
Серијата им се допадна на гледачите
На социјалните мрежи за кратко време се појавија реакции во врска со серијата.
„10/10“, „Ова е толку добро“, „Одлична серија, гледајте ја“, „Ако сте гледале други адаптации на книгите на Кобен, знаете што да очекувате од оваа серија. Не е најдоброто нешто кое некогаш сте го гледале, но добра е и нема многу епизоди“,„Манипулативно, токсично, но многу добро“, „Заплетот е луд“, беа само дел од коментарите на гледачите.