Олимписката шампионка во скок во далечина од Токио 2021 година и актуелна европска шампионка во таа дисциплина, германската атлетичарка Малаика Михамбо, тврди дека медитацијата и помогнала да стане подобра спортистка. „Веќе бев ментално силен спортист, но со оваа работа низ годините успеав, фигуративно кажано, грубо да го полирам овој дијамант“, изјави 30-годишната Германка за весникот "Abendzeitung Muenchen" во вторникот.
Вели дека понекогаш медитира по еден час дневно, а понекогаш само пет минути. „Сфатив дека секојдневието ми е премногу непредвидливо и дека не можам по секоја цена да се стремам кон некаква рутина“, изјави Михамбо. Во тешките фази таа се потпира и на вежби за опуштање на умот, кои ги правеше и летово на Олимписките игри во Париз, кога се бореше со последиците од заразата со коронавирусот.
Таа вели дека медитацијата и носи стабилност
„Затоа не се распаѓам во ситуација како онаа во Париз, не губам фокус. Справувањето со тоа е уметност“, вели таа. Михамбо ја откри својата страст за медитација за време на патувањето во Индија. „Тоа беше моето прво независно големо патување, за мене како жена – голем чекор. Научив неколку работи и многу медитирав“, откри спортистката родена во Хајделберг.
Заедно со златото во Токио 2021 и среброто на овогодинешните игри во Париз, Михамбо е двократен светски шампион (Доха 2019 и Јуџин 2022) и европски (Берлин 2018 и Рим 2024). Нејзиниот личен максимум од 7,30 метри е 12-ти рекорд на сите времиња, а со него го освои златото на СП 2019 година во Доха.