Прејадувањето за време на празниците може да го зголеми крвниот притисок, холестеролот и шеќерот во крвта

Точка

24/12/2024

19:00

442

Големина на фонт

а а а

Умереноста во исхраната и правилно распределените оброци во текот на денот се клучни навики што треба да се практикуваат во зимскиот и празничниот период, кога сме соочени со бројни предизвици поврзани со храната.

Големите количини храна на празничните трпези се речиси неизбежни, но можат да бидат опасни по здравјето, особено за оние кои постат до Божиќ.

Не чекајте го ручекот на празен стомак

Празниците традиционално се прославуваат со богати оброци, кои често вклучуваат обилна храна – печива, салати со мајонез или павлака, чоколадни колачи и алкохолни пијалоци. Најчеста грешка е чекањето на празничниот ручек или вечера „на празен стомак“, односно прескокнувањето на појадокот или ручекот.

Ова доведува до прекумерно внесување храна, што потоа резултира со чувство на тежина и надуеност во стомакот. Неумереноста во исхраната може да го загрози здравјето и да предизвика хипертензија, зголемен холестерол, триглицериди и повисоко ниво на шеќер во крвта.


Висококалоричната храна може да предизвика гадење и надуеност

За време на постот, исхраната главно се базира на овошје, зеленчук, житарки и риба. Но, на крајот од постот, празничната трпеза обично нуди калорична храна, која може да предизвика гадење, надуеност и болки во стомакот.

За да се избегнат вакви проблеми, преминот од посна на мрсна храна треба да биде постепен. Важно е во текот на денот да се јадат помали количини храна распоредени во три до пет оброци и да се обрне внимание на начинот на приготвување на храната.


Умереноста е клучна

За да ги задржите здравите навики во празничниот период, потребно е да имате редовни оброци во текот на денот, да бидете умерени со храната и да избегнувате чекање на празничните оброци „на празен стомак“. Со вакви едноставни чекори можете значително да придонесете за вашето здравје.