Шест „божиќни филмови“ за сите оние кои не се љубители на класичните празнични филмови

Точка

24/12/2024

15:39

1.100

Големина на фонт

а а а

За многумина, декември е месец во кој уживаат во класичните божиќни филмови за љубовта, семејството, зимските радости и празничниот дух.

Но, што доколку божиќните наслови на „Hallmark“ или „Netflix“ ве остават рамнодушни? Доколку не сте љубители на „слатки“ филмови, но сепак сакате да гледате нешто со празнична атмосфера, во продолжение преглед на шест неконвенционални божиќни филмови чие дејство се одвива за време на божиќните празници.

„The Nightmare Before Christmas“ (1993)

Анимираниот класик на Хенри Селик, базиран на приказната на Тим Бартон, совршено ги комбинира Божиќ и Ноќта на вештерките.

„The Nightmare Before Christmas“ е сместен во свет во кој секој празник има свој град. Приказната го следи кралот на тиквата Џек Скелингтон, кој го води градот на Ноќта на вештерките и кому му здодеало од рутината која ја повторува секоја година. Откако еден ден случајно ќе залута во Божиќниот град, полн со шаренило и играчки, Џек одлучува да го пренесе божиќниот дух во градот на Ноќта на вештерките.

„Gremlins“ (1984)

Хорор-комедијата „Gremlins“, во режија на Џо Данте и сценаристот Крис Колумбус, е критика на човечката негрижа кон природата, сместена во божиќниот период.

Приказната започнува кога пронаоѓачот Рандал Пелцер во кинескиот кварт го пронаоѓа совршениот подарок за својот син Били – преслатко суштество наречено могваи, со кое доаѓаат строги правила за грижа. Могваи не смее да дојде во контакт со вода или светлина и не смее да јаде по полноќ. Иако семејството Пелцер е воодушевено од могваите, кого го нарекоа Гизмо, нивното невнимание и кршење на правилата доведуваат до хаос и трагедија.

„Lethal Weapon“ (1987)

„Lethal Weapon“, во режија на Ричард Донер, е првиот филм од успешниот акциски серијал со Мел Гибсон и Дени Гловер во главните улоги.

Приказната го следи детективот Мартин Ригс (Гибсон), кој страда од депресија откако ја изгубил сопругата, и неговиот постар колега Роџер Муртаг (Гловер), кои мораат да соработуваат за да ги спречат опасните дилери на хероин пред Божиќ.

„Eyes Wide Shut“ (1999)

Последниот филм на Стенли Кјубрик, еротската психолошка драма „Eyes Wide Shut“, е базиран на романот Траумновела од Артур Шницлер.

Дејството на филмот започнува на божиќна забава на која присуствуваат докторот Бил Харфорд (Том Круз), неговата сопруга Алис (Никол Кидман) и ќерката Хелена. Бил и Алис се навидум совршен пар, но и двајцата фантазираат за други луѓе. Откако Алис му открива на нејзиниот сопруг дека сакала да го изневери, Бил тргнува на ноќно излегување кое никогаш нема да го заборави.

„Batman Returns“ (1992)

„Batman Returns“, во режија на Тим Бартон, е еден од ретките филмови за суперхерои чие дејство се одвива за време на божиќната сезона.

Филмот го прикажува конфликтот на Бетмен (Мајкл Китон) со моќниот индустријалец Макс Шрек (Кристофер Вокен) и мафијашкиот шеф Освалд Коблпот (Дени Девито), кои се борат за превласт во Готам. Во целата приказна е вклучена и срамежливата секретарка Селина Кајл (Мишел Фајфер), која се претвора во волшебната, анти хероина жена-мачка.

„Die Hard“ (1988)

Дебатата за тоа дали „Die Hard“ е божиќен филм или не трае со години, но едно е сигурно – овој акциски класик со Брус Вилис е совршена алтернатива на традиционалните божиќни филмови.

Сместен на Бадник, филмот го следи полицаецот од Њујорк, Џон Меклејн (Вилис) кој мора да ги спречи меѓународните терористи предводени од Ханс Грубер (Алан Рикман) додека ја земаат неговата сопруга и нејзините колеги како заложници.