Иако често се опишува како „спиење“, општата анестезија всушност го исклучува мозокот и ги брише спомените, што нè прави несвесни за болка и какво било искуство за време на медицинските процедури. Сепак, точно како функционира овој сложен процес сè уште е делумно мистерија, а она што го учиме за неговите ефекти може да биде и фасцинантно и малку застрашувачко.
Локалната анестезија (онаа што ни ги вкочанува непцата за време на стоматолошките процедури) се врзува за натриумовите канали во нервните клетки и на тој начин го спречува преносот на импулсите.
Што всушност се случува?
„Ви даваме лекови кои го исклучуваат вашиот мозок, со што ќе бидете целосно онесвестени, за да не чувствувате болка“, вели д-р Ентони Кавех.
Тој продолжи: „Потоа, доколку е потребно, даваме лекови кои го парализираат телото; тогаш ви даваме лекови за бришење на меморијата за да бидете помалку анксиозни и да го намалите ризикот од посттрауматско стресно нарушување за време на анестезијата“.
Здравствените работници и истражувачите од клиниката Мајо на својата веб-страница потврдуваат дека општата анестезија не е еден лек, туку комбинација од неколку лекови.
Иако доведува до „состојба слична на спиење“, тие велат дека „мозокот не реагира на сигнали за болка или рефлекси“ во овие состојби.
Што се однесува до елементот за бришење меморија, Универзитетот во Илиноис во Чикаго наведува дека одредени лекови под општа анестезија го спречуваат мозокот да формира нови сеќавања додека е под нивно влијание.
Истражувањето објавено во „British Journal of Anaesthesia“, покажа дека е можно да се одвојат другите ефекти на анестезијата од нејзините амнестични ефекти кај глувците.
„Многу луѓе мислеа дека губењето на меморијата поврзано со анестезијата се должи на фактот дека сте спиеле или сте во состојба на намалена будност“, вели д-р Фетиплас, главен автор на студијата, на универзитетот. Но, тоа не е така.
Некои научници дури веруваат дека анестезијата може да има потенцијална примена во „бришење“ или олеснување на лошите спомени или асоцијации кај луѓето со ПТСН и фобии.
Луѓето беа прилично изненадени
Многумина под видеото на д-р Кавех напишаа дека оваа информација им е малку страшна.
„Ова е всушност уште пострашно“, напиша еден коментатор; „Звучи многу пострашно кога го опишуваш така“, додава друг.
Но, како што истакна еден јутјубер: „Луѓето велат: ‘Боже, тоа звучи страшно’, но јас сум бил под анестезија повеќе од еднаш - тоа е фантастично“.
Британскиот „NHS“ нагласува дека општата анестезија обично е безбедна и ефикасна.
Сепак, не е сосема јасно како функционира општата анестезија, но познато е дека сите анестетици ги спречуваат нервите да пренесуваат сигнали до мозокот.