Премиерот Христијан Мицкоски учествуваше на самитот на Европската народна партија (ЕПП), каде што се собраа истакнати лидери, претставници на партии и клучни носители на одлуки од цела Европа.
„Самитот беше платформа за размена на мислења и идеи за иднината на Европа, особено ме радува фактот што Македонија останува дел од овие стратешки разговори и партнерства. Нашето активно учество на ваквите меѓународни настани е клучно за зајакнување на позицијата на нашата земја во европскиот контекст и за придонес кон заедничката визија за стабилна и просперитетна Европа“, истакна Мицкоски.
Разговорите и дебатите на самитот премиерот ги опиша како значајни за насочување на идните политики, а уште поважно – за градење мостови на соработка со европските партнери. Мицкоски дополнително изрази уверување дека ваквите средби се од голема важност за понатамошниот напредок на Македонија на нејзиниот европски пат.