Осуден монструмот: Ја почитувам одлуката на судот, рече Жизел Пелико – нејзиниот сопруг и силувачите добија 400 години затвор

Макфакс

19/12/2024

16:19

1.309

Големина на фонт

а а а

Откако нејзиниот сопруг и 46-те мажи кои ја силуваа беа осудени на повеќе од 400 години затвор во судот во Франција, се огласи Жизел Пелико.

Таа се заблагодари на здружението на жртвите кое, како што вели, секогаш и давало помош без исклучок. Им се заблагодари и на новинарите кои го следеа случајот од самиот почеток, истакнувајќи дека цело време се однесувале со почит кон неа.

„Мислам и на сите други семејства погодени од оваа трагедија. Конечно, мислам на сите непознати жртви на приказните кои често се случуваат во сенка. Сакам да знаете дека ја делиме истата борба“, изјави Жизел, додавајќи дека таа размислува за нејзините деца, внуци и на сите други семејства и жртви.


„Овој процес беше исклучително тежок и во овој момент прво мислам на моите три деца: Дејвид, Керолин и Флоријан“, рече таа.

Нагласи дека никогаш не жали што се откажала од правото на анонимност и ја отворила вратата на судењето за општеството да види што се случило.

„Верувам во нашата заедничка способност да најдеме подобра иднина во која мажите и жените ќе можат да живеат хармонично заедно, со меѓусебно почитување“, заклучи таа.


На новинарско прашање што мисли за денешните пресуди, таа одговори: „Ги почитувам судовите и ги почитувам нивните одлуки“.

Ќерката на Пелико: Ќе умреш сам како куче во затвор

Пелико доби казна од 20 години затвор, другите добија значително помалку. Покрај тоа што е прогласен за виновен за тешко силување на сопругата, тој е виновен и за тешко силување во обид на сопругата на еден од сообвинетите, Жан-Пјер Марешал, како и за несоодветно фотографирање на својата ќерка Каролин и снаите Аурора и Селин.

„Скај њуз“ пишува дека Доминик Пелико сега има 72 години, што значи дека, најверојатно, ќе умре во затвор.

За време на претходниот дел од судењето, ќерка му во судницата му рекла: „Ќе умреш сам како куче во затвор“.


„Пелико молеше за нивна прошка – што не ја доби“, пишува „Скај“.

Доминик Пелико (72) се изјасни за виновен по обвиненијата за време на тримесечното судење и му се извини на семејството. Тој исто така рекол дека сите непознати што ги поканил во неговата куќа знаеле дека неговата сега веќе поранешна сопруга не знаела што ѝ се случува.

Жизел, која исто така има 72 години, се откажа од правото на анонимност за време на судењето и побара од судот да ги види ужасните снимки од сериското малтретирање што го снимил нејзиниот поранешен сопруг велејќи дека се надева оти тоа ќе им помогне на другите жени да проговорат.


Судењето предизвика протести во Франција за поддршка на Жизел и поттикна дебата за тоа дали да се ажурира францускиот закон за силување, кој во моментот не споменува дека сексот треба да вклучува согласност.

Жизел ги гледаше своите насилници со челична одлучност во преполната судница од ден на ден.

„Решив дека нема да се срамам, не направив ништо лошо“, сведочеше таа во октомври.