„Политико“: Третата светска војна е веќе во тек

Макфакс

18/12/2024

22:31

1.623

Големина на фонт

а а а

Ако одевте по борбените линии во првите недели од војната во Украина, можевте да слушнете извици на украински и руски, можеби помешани со гласовите на регионалните јазици, како што се бурјатски и чеченски.

Денес, војниците од двете страни на конфликтот комуницираат на шпански, непалски, хинди, сомалиски, српски и корејски. Странските јазици во рововите се само еден од знаците дека конфликтот добива сè поголема меѓународна димензија, пишува „Политико“.

На небото иранскиот дрон „Шахед“ може да го пресретне американскиот систем за воздушна одбрана, а на земја германската артилерија ги надминува севернокорејските гранати. Речиси три години подоцна тешко е конфликтот меѓу Русија и Украина да се нарече регионален. Она што почна во февруари 2022 година како најголема копнена војна во Европа од Втората светска војна, сега се бори за титулата најглобален конфликт од Студената војна, со десетици земји директно или индиректно вклучени, анализира медиумот.

Овој аспект на конфликтот, би можел да го одреди неговиот исход бидејќи Украина ризикува да го загуби својот најголем сојузник со доаѓањето на Доналд Трамп на чело на САД, а Русија ја привлекува поддршката од американските непријатели, како што е Северна Кореја.


„Последниот пат кога видовме вакво нешто, веројатно беше советскиот напад врз Авганистан“, истакна историчарот од Студената војна, Сергеј Радченко, за „Политико“. Тогаш Западот заедно со Пакистан ги поддржа муџахедините и сите се вклучија“.

Кога Москва ја почна инвазијата, Кремљ ја оправда како одбранбен потег против НАТО. Општо прифатено е дека Путин очекувал краткорочен конфликт потпирајќи се на минатогодишната пасивност на Западот кон неговите акции во Украина, Молдавија и Грузија. Сепак, Украинците дадоа неочекуван отпор, а Западот бргу реагира испраќајќи оружје и разузнавачки информации, кои го запреа рускиот напредок и го интернационализираа конфликтот, пренесува „Индекс.хр“.

„Ќе беше локален конфликт ако бргу завршеше“, рече Радченко. „Но, не е така.

Со текот на времето меѓународната димензија стана клучна. Денес, двете страни зависат од странската помош: Украина за опстанок, Русија за одржување на доминацијата додека се обидува да ги минимизира ефектите од војната врз своето население. Додека Украина тврди дека се бори за „демократија“, Русија ја оправдува својата војна како борба против „американската хегемонија“.

Русија доби сојузници, како Иран, кој испорачува беспилотни летала, и Северна Кореја, која испраќа проектили и војници. Земјите од БРИКС, незадоволни од западните финансиски институции, често покажуваат предност кон Русија. Кинеската поддршка, која вклучува купување руска нафта и технологија, е клучна за руската економија.

„Индија и другите може да тргуваат со Русија, што е значајно. Но, ништо не може да се спореди со она што го носи Кина“, рече Александар Габујев, директор на „Карнеги центарот“ за Русија и Евроазија.


Од друга страна, Русија користи хибридни методи за да предизвика проблеми и поделби, вклучително и мешање во изборите и поддршка на проруските групи, како Хутите во Јемен. Но, за разлика од Студената војна, Москва нема прокси-конфликти онаму каде што може директно да го нападне НАТО.

Западната помош, предводена од САД и НАТО, ги обезбеди опстанокот и воениот отпор на Украина. Од првичните „хаубици“ до авионите „Ф-16“ и ракетите АТАКМС, помошта постепено се зголемуваше. ЕУ исто така постигна напредок во пристапните процеси на Украина и Молдавија.

„Без помош од Западот, војната немаше да ја преживее првата година и ќе завршеше со тежок пораз на Украина“, рече Габуев.

И покрај тоа, Западот задржа одредени ограничувања за да спречи ескалација. Украинските барања за напади внатре во Русија долго време се игнорирани, а Москва, иако се заканува со нуклеарни напади, избегнува директни конфликти со НАТО, стои во анализата.

Од друга страна, Русија користи сојузници, како Северна Кореја, за да обезбеди ресурси и војници, а Украина им нуди финансиски и историски мотиви на странските борци. Меѓутоа, како што војната влегува во својата четврта година, ниедна страна не ја добива сета помош што ја сака.


Идејата за замрзнување на конфликтот, кој вклучува територијални отстапки од Украина, повеќе не е табу-тема, туку сериозно се разгледува.

„Од самиот почеток беше јасно дека Америка ќе се откаже доколку Украина не победи доволно бргу“, рече Нина Хрушчова, професорка по меѓународни односи во The New School во Њујорк и правнука на советскиот лидер Никита Хрушчов.

„Од почетокот на сè се гледаше како на холивудска серија“, вели таа. На почетокот сојузниците мислеа дека ќе заврши по една сезона. Но, потоа следуваше уште една.

„И сега сме во третата сезона и секако дека вниманието е намалено“, изјави таа. „Не сакаме четврта сезона, но тоа ќе се случи.

За Америка, избегнувањето нуклеарна војна со Русија отсекогаш било приоритет број еден. Вториот беше да ѝ помогне на Украина да победи. Тие две цели мора некако да се намират“, вели Радченко.