Помирувањето, регионалната соработка и добрососедските односи се суштината на ЕУ и на Западен Балкан, треба да се најдат решенија за билатералните спорови, прашањето за исчезнатите лица и прашањата поврзани со воените злосторства, се вели во заедничкото соопштение на Европската Унија и Западен Балкан усвоени на самитот.
„Помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се во срцето на Европската Унија“, се вели во соопштението подготвено од ЕУ, кон кое се приклучија и земјите од Западен Балкан.
„Сè уште се потребни дополнителни напори за промовирање помирување и регионалната стабилност, како и за изнаоѓање и спроведување дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашања во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи вклучувајќи го и договорот за сукцесија во наследството од минатото, како и за преостанатите случаи на исчезнати лица и прашања поврзани со воени злосторства“, се вели во текстот.
Во соопштението се вели дека иднината на Западен Балкан е во Унијата и ја повторува целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на овие земји.
Во заедничката изјава ЕУ ги повикува партнерите од Западен Балкан да ги прифатат клучните европски вредности и принципи и да преземат обврски.
„Владеењето на правото, слободата на изразување, независните и плуралистички медиуми, родовата еднаквост и силната улога на граѓанското општество се клучни за обезбедување функционална демократија“, се вели во текстот.
Исто така, се нагласува дека геополитичкиот контекст во Европа бара единство и солидарност од сите за решително да ја поддржат Украина и да го бранат меѓународниот поредок заснован на правила.
Исто така, се вели дека е неопходно заеднички да се решаваат прашањата за управување, што е „заеднички предизвик и одговорност, како и клучен приоритет“.
Во соопштението се нагласува и дека недостигот на нормализација меѓу Србија и Косово ги кочи двете земји.
„Договорите постигнати во рамките на дијалогот Белград – Приштина со посредство на ЕУ, особено договорот за патоказот за нормализација и неговиот анекс, мора да се спроведат. ЕУ потсетува дека предуслов за поддршка во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан е страните да соработуваат конструктивно во нормализирање на нивните односи со мерлив напредок и конкретни резултати“, се вели во текстот.