Урмите се вкусно и многу хранливо овошје, кое на различни начини позитивно влијае врз нашиот организам.
Според списанието „Frontiers in Plant Science“, урмите се всушност бобинки и се богати со антиоксиданти и хранливи материи кои имаат моќни терапевтски својства. Урмите се богати со витамини, антиоксиданти, лесно сварливи шеќери и микронутриенти.
Антиоксидантите ги спречуваат оштетувањата предизвикана од слободните радикали, нестабилните молекули кои можат да имаат негативни ефекти врз телото и да доведат до болести. Во споредба со слични видови на овошје, како што се смоквите и сливите, урмите имаат најголем удел на антиоксиданти.
Она што е важно да се истакне е дека урмите содржат флавоноиди. Тие се моќни антиоксиданти кои ги намалуваат воспаленијата и ризикот од дијабетес, Алцхајмеровата болест и одредени видови на рак. Освен флавоноиди, содржат и фенолна киселина, која има силни антиинфламаторни својства и го намалува ризикот од рак и срцеви заболувања.
Исто така, урмите содржат и каротеноиди, кои го промовираат здравјето на срцето и го намалуваат ризикот од нарушувања поврзани со очите, како што е макуларна дегенерација.
Урмите Меџул имаат приближно 66 калории, а порција од 30 грама обезбедува 30 проценти од дневните потреби за влакна, а како што созреваат нивото на шеќер во урмите се зголемува. Пулпата содржи околу 70 проценти шеќер, па така една урма има 18,6 g шеќер, а тоа се главно гликоза, фруктоза и сахароза.
Урмите се богати со витамини Б, А и К, бакар, манган, магнезиум и калиум. Нивното редовно консумирање го зајакнува имунолошкиот систем, го подобрува здравјето на забите и го спречува ракот, поради високото ниво на селен. Покрај тоа, тие се богати со протеини и растителни влакна и содржат 23 различни аминокиселини, кои ја помагаат дигестијата и го зголемуваат чувството на ситост.
Одлични се за дијабетичарите бидејќи имаат низок гликемиски индекс и не предизвикуваат брзи и големи флуктуации на нивото на гликоза во крвта.
Урмите се богати со влакна, па така ја подобруваат дигестијата. На пример 100 грама урми можат да имаат помеѓу 3,5 и 11 грама влакна, кои главно се нерастворливи. Тие дејствуваат како пробиотици и го зголемуваат бројот на здрави бактерии во цревата, а со тоа го подобруваат здравјето на дебелото црево.
Тие се одлична закуска пред тренинг и здрава опција после тренинг, бидејќи содржат повеќе шеќер од многу други овошја, но тоа е природен шеќер. Овие шеќери организмот лесно ги преработува и ги користи за енергија.
Богати се со фенолни соединенија кои го намалуваат нивото на холестерол и триглицериди, а утврдено е дека содржината на шеќер не го зголемува нивото на гликоза во крвта.
Покрај тоа, тие се богат извор на калиум, магнезиум и антиоксиданти кои го подобруваат здравјето на срцето. Тие се богати и со калциум и фосфор, кои тесно соработуваат во градењето силни коски и заби.
Антиоксидантите во урмите го штитат црниот дроб, ги поправаат оштетувањата на црниот дроб предизвикани од токсините. Високите нивоа на антиоксиданти во урмите го подобруваат здравјето на мозокот и ги штитат мозочните клетки од оштетување, бидејќи се борат против воспаленијата и го намалуваат оксидативниот стрес. Па така, ова овошје ја спречува Алцхајмеровата болест и го намалува оштетувањето на меморијата.
Високата содржина на влакна и здрав шеќер помагаат во процесот на слабеење. Меѓутоа, земете го предвид фактот дека една урма содржи 66 калории, па затоа внимавајте на количеството кое го консумирате.
Конечно, урмите се одлични во текот на бременоста, па дури и го олеснуваат породувањето. Особено кога се консумираат во последниот триместар. Нивното секојдневно консумирање го скратува времетраењето на породувањето, а во многу случаи се избегнува потребата од окситоцин за почеток на породувањето.