Во координирана полициска акција спроведена утрово во Струга и Гостивар, приведени се четири лица под сомнение дека се дел од терористичка организација. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека акцијата била изведена по наредба на Обвинителството за гонење организиран криминал и висока корупција, како и по налог на судија на претходна постапка.
Според Тошковски, приведените лица подолг период биле следени од надлежните безбедносни органи, во соработка со меѓународни партнери. Тие се осомничени дека, заедно со лица надвор од територијата на Македонија, планирале активности кои би ја загрозиле безбедноста на државата и на други земји.
„Имаме цврсти докази кои го поткрепуваат основаното сомнение дека осомничените работеле на индоктринирање на лица од Балканот, со цел организирање на активности кои би довеле до несакани последици“, изјави Тошковски.
МВР веќе поднело кривична пријава против приведените лица, кои се македонски државјани. Тие ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во текот на денот, додека истрагата продолжува.
„Кривичното дело за кое е поднесена пријава е терористичка организација, а мотивите се поврзани со поддршка на екстремистички и религиозни групи“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи ја нагласува важноста на превентивните мерки и меѓународната соработка во откривање и спречување на вакви активности, за да се заштити националната и регионалната безбедност.
Од Основното јавно обвинителство информираа дека денешната акција во Струга и Гостивар сѐ уште е во тек. Според нив, по издадена наредба од обвинителството, Министерството за внатрешни работи продолжува со теренски активности, извршување претреси и прибирање докази.
„Кривичната пријава за осомничените лица се очекува да биде поднесена во текот на вечерта. Повеќе детали околу акцијата ќе бидат соопштени утре“, наведуваат од Обвинителството.
Оваа акција, која се реализира со координација на повеќе институции, има за цел спречување на активности кои би можеле да ја загрозат националната и регионалната безбедност.