Во населбата Капиштец синоќа повторно беше нарушен јавниот ред и мир, откако група малолетни лица со непримерно однесување извршија серија вандалски активности. Тие кршеа шишиња, палеа петарди и предизвикуваа тепачки, со што ја загрозија безбедноста на локалното население.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, остро го осуди овој чин и побара итна интервенција од надлежните институции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку континуиран проблем кој бара итна реакција. Како одговорни граѓани, веќе поднесовме пријава до надлежните институции и апелираме до Министерството за внатрешни работи веднаш да преземе мерки за справување со овие недолични активности и да поведе детална истрага,“ истакна Герасимовски.
‼️ МВР веднаш да реагира за вандалското однесување во Капиштец! Во моментов повторно вандализам, група малолетни лица кршат шишиња, пукаат петарди и се тепаат. Ова не е првпат! Следува пријава и ги повикувам Министерството за внатрешни работи да поведе истрага.
Posted by Горан Герасимовски on Saturday, December 14, 2024
Општината апелира до Министерството за внатрешни работи да преземе брзи и ефикасни мерки за справување со ваквите појави, со цел да се спречат потенцијални трагични последици.
Градоначалникот предупреди дека малолетниците вклучени во ваквите дејства не само што им наштетуваат на другите, туку ризикуваат и да се повредат самите.
„Очекуваме брза и ефикасна реакција за да се спречи некоја поголема трагедија“, додаде Герасимовски.