Турција ќе заработи многу од промената на власта во Сирија: Аналитичарите велат – Ердоган е стратешки победник, но стравува и од создавање на една нова држава

Точка

15/12/2024

18:01

1.365

Големина на фонт

а а а

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е несомнениот стратешки победник на соборувањето на Башар ал Асад во Сирија, пишува Дојче веле, кој наведува дека Анкара сака да ги потисне тамошните Курди и да ги врати бегалците и дека поради тоа има постигнато пакт со џихадистите.

„Немаме територијални претензии во Сирија. Ние само сакаме да се погрижиме луѓето да си ја вратат земјата. Влеговме во Сирија за да ставиме крај на владеењето на тиранинот Асад“.

Со овие зборови турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја оправда воената интервенција во Сирија во 2016 година.


Сепак, зад возвишените зборови на турскиот претседател се криеја интереси.

Од првиот ден на војната во Сирија, Анкара ја поддржуваше вооружената опозиција и решително инсистираше на соборување на диктаторот Башар ал Асад.

Пет години подоцна, Турција воспостави постојано воено присуство во упориштето на сириските бунтовници – Идлиб.

Денес Турција стратешки се смета за најголем победник во Сирија, додека Русија и Иран се најголемите губитници.

Москва беше најважниот сојузник на режимот на Асад, а Техеран го поддржуваше со испраќање паравоени сили.



„Во споредба со ситуацијата од пред две недели, сега може да се каже дека Турција дефинитивно победи во Сирија“, вели Заур Гасимов, експерт за турско-руски односи на германско-турскиот универзитет во Истанбул.

Според него, Анкара тесно ќе соработува со идната влада на Сирија.

„Турција ќе биде силно вклучена во реконструкцијата и ќе остане главен инвеститор разурнатата Сирија“, вели тој.

Гасимов смета дека Турција економски ќе профитира од обновата на Сирија, особено преку ангажманот на нејзините градежни компании.

Политичкиот аналитичар Берк Есен од Универзитетот Сабанџи во Истанбул вели: „Иако политиката на Турција кон Сирија долго време се сметаше за неуспешна, Ердоган секогаш велеше дека Асад еден ден ќе падне. Сега за тоа ќе добие политички поени“.

Индиректна поддршка?

„Турција одигра клучна улога во последната офанзива. Во новата Сирија Анкара тоа ќе го искористи за да ја прошири својата сфера на влијание“, убеден е Берк Есен.

Турција ја поддржува Сириската национална армија (СНА) и контролира големи делови од северна Сирија.

Таа, исто така, разви одредени врски со исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), иако Анкара негира каква било вмешаност во нивната офанзива.


И покрај тоа што Турција официјално не ја поддржува групата ХТС – па дури и ја смета за терористичка организација – таа им помогна на некои паравоени сили од северот на Сирија, кои учествуваа во офанзивата.

„Легитимно е да се претпостави дека Турција индиректно воено ја поддржува ХТС“, вели експертот за Блискиот Исток Андре Банк од Институтот ГИГА во Хамбург.

„ХТС неодамна набави ново оружје, вклучувајќи беспилотни летала и ракетни системи. Може да се претпостави дека тоа доаѓа од Турција“, додава Банк.



Неговиот колега Симон Мабон од Универзитетот во Ланкастер е повнимателен: „Тоа е нетранспарентна тема“. Не знаеме точно до кој степен Турција навистина ја поддржа оваа офанзива“, вели Мабон.

Турција, членка на НАТО, има добри односи со Русија и Иран, што редовно ги иритира западните сојузници.

Сепак, Гасимов не очекува прекин на односите меѓу Москва и Анкара поради последните настани.

Тој предвидува дека билатералните односи дополнително ќе се продлабочат: „Падот на Асад ја прави Турција уште поважна за Русија“.

Иднината на Курдите?

Официјалната цел на Турција во северна Сирија е да спречи создавање на курдска територијална единица.

Анкара стравува дека во регионот може да се создаде курдска држава.

Во моментов, силите поддржани од Турција дејствуваат против курдските паравоени сили и во последните денови зазедоа области во североисточна Сирија, вклучувајќи го и градот Манбиџ.



Сириските демократски сили (СДФ), кои контролираат делови од северна Сирија, се сметаат за сириски огранок на ПКК – Работничката партија на Курдистан.

Од 1984 година Турција е во конфликт со ПКК, која во ЕУ е класифицирана како терористичка организација.

„Во иднина би можеле да видиме автономен курдски регион во Сирија како оној во Ирак. Единствената разлика е во тоа што, полесно е да се бранат териториите на планинскиот север на Ирак. Во делови од Сирија, кои се во рамнините, тоа би можело да биде потешко“, вели Берк Есен.

Исто така, сè уште не е јасно како ХТС ќе се однесува кон Курдите и другите малцинства, како што се христијаните.

Враќање на бегалците?

Турција има граница долга околу 900 километри со Сирија и им обезбеди засолниште на околу три милиони сириски бегалци.

Ова ја прави земја со најмногу сириски бегалци во светот.

Иако владата на Ердоган прими голем број Сиријци по избувнувањето на граѓанската војна, денес таа е под огромен притисок бидејќи аверзијата кон бегалците расте во економски погодената Турција.


„Му придаваме големо значење на територијалниот интегритет на Сирија“, рече турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан минатата недела. „Милиони Сиријци, кои мораа да ги напуштат своите домови, сега можат да се вратат“, додаде тој.

Во Турција моментално растат очекувањата дека враќањето на бегалците треба да се случи што поскоро.


Од друга страна претседателот Ердоган зборуваше за отворањето на граничниот премин Јајладаг кај Антакија кон Сирија, за бегалците да се вратат „безбедно и доброволно“.