Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција продолжува да ги поддржува своите „сириски браќа и сестри“, нагласувајќи дека ја исполнува обврската кон „братството“.
Денеска во Дамаск повторно ќе биде отворена турската амбасада, која беше затворена од 2012 година. Ова го потврди турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во интервју за турскиот телевизиски канал НТВ. Амбасадата ќе започне со работа од утре, откако тимот и шефот на мисијата пристигнаа во главниот град на Сирија.
Турската амбасада во Дамаск беше затворена на 26 март 2012 година поради влошената безбедносна ситуација предизвикана од граѓанската војна и ставот на Турција против сирискиот претседател Башар ал Асад.
Според Фидан, Турција ги убедила Русија и Иран да не интервенираат во Сирија за време на 11-дневната бунтовничка офанзива, која кулминираше на 8 декември со заземањето на Дамаск од страна на коалицијата предводена од групата Хајат Тахрир ал-Шам. Овој настан стави крај на 50-годишното владеење на семејството Асад.
Соборениот сириски претседател Башар ал Асад, заедно со неговото семејство, побегна во Русија, каде што доби политички азил.
Турскиот претседател ги осуди поддржувачите на Асад, повикувајќи се на ужасите од подземните затвори во Дамаск, кои ги нарече „најдобриот одговор“ за оние кои го величаат соборениот режим.
– „Најдобар одговор за оние кои ја игнорираат револуцијата во Сирија и ја поддржуваат ерата на Башар ал Асад се фотографиите од затворите во Дамаск,“ рече Ердоган на собирот на Партијата за правда и развој (АКП) во северозападна Турција.
Ердоган додаде дека Турција секогаш стоела зад „сириските браќа и сестри“, исполнувајќи ги своите обврски како дел од „братството“.
Заземањето на Дамаск од страна на бунтовниците означи крај на режимот на партијата Баас, која управуваше со Сирија од 1963 година. Судирите што започнаа на 27 ноември меѓу бунтовниците и сириската армија ја забрзаа дестабилизацијата на владата на Асад, што резултираше со неговото заминување во Русија.