Милевски за противниците во квалификациите за СП: Ждрепката во Цирих носи надеж за добар пласман

Дерби

13/12/2024

14:29

1.690

Големина на фонт

а а а

Македонската фудбалска репрезентација денеска ги доби противниците во квалификациите за СП 2026, по што селекторот Благоја Милевски можеше да направи почетна анализа на исходот на она што се случуваше во Цирих.

Нашите најдобри фудбалери ќе се соочат со Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн, а селекторот ја оценува групата како поволна и како добра можност да се бориме за најмалку втората позиција.

– Извлекувањето во Цирих ни носи надеж.

– Добивме група со репрезентации со кои може да играме и да се надеваме на добар пласман. Белгија е голем фаворит. Една од најсилните светски селекции и ќе биде големо изненадување доколку не успее да го освои првото место во оваа конкуренција.

– Велс е одлична репрезентација, тим кој игра динамичен и брз фудбал. Се разбира дека влегуваат со свои пресметки за конечниот пласман во групата, но убеден сум дека можеме да се спротивставиме на вистински начин.

– Казахстан и Лихтенштајн можеби немаат позитивни резултати во последните квалификациски циклуси, но секој нов почеток е нова надеж и за условно, помалите репрезентации во групата.

– За мене е важно ние да го задржиме истиот пристап како на последните натпревари од Лига на нации, силно мотивирани да влеземе во квалификациите и да одново да се бориме за резултат кој може да ни донесе можност за евентуален пласман на големо натпреварување, – вели Милевски во првата изјава дадена за официјалната интернет страница на ФФМ.