Доналд Трамп Јуниор, најстариот син на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, објави видеоснимка на Инстаграм како реакција на најавата дека неговиот татко ќе биде прогласен за личност на годината од страна на американското списание „Time“.
На почетокот на видеото е прикажана насловната страница на „Time“ од 2022 година на која е украинскиот претседател Володимир Зеленски. Но потоа се појавува нога која го шутира Зеленски и го трга од насловната страница, а потоа со својот препознатлив танц на насловната страница се појавува новоизбраниот американски претседател. Се појавува и натписот: „Најдобриот на сите времиња – Доналд Џеј Трамп“.
😵💫🇺🇸 Trump's son @DonaldJTrumpJr posts this video on Instagram…
— Savchenko Volodymyr (@SavchenkoReview) December 12, 2024
How can he stoop to such a low level? pic.twitter.com/xwHdMIRtvP
Уште во 2016 година, по првата победа на претседателските избори, Трамп беше прогласен за личност на годината на „Time“. Оваа награда ја добија уште 13 американски претседатели, вклучувајќи го и сегашниот претседател Џо Бајден.
Не е првпат да објавува видео во кое се подбива со Зеленски
„Time“ го прогласи Зеленски и „духот на Украина“ за личност на 2022 година. „Успехот на Зеленски како воен водач се заснова врз фактот дека таа храброст е заразна. Таа се прошири меѓу украинското политичко раководство во првите денови од инвазијата бидејќи сите сфатија дека претседателот е со нив“, објави магазинот по тој повод.
Меѓутоа пред еден месец, синот на Трамп го исмејуваше Зеленски и со тоа ги зголеми шпекулациите дека по влегувањето во Белата куќа, неговиот татко ќе го прекине финансирањето на Украина, односно нејзините воени напори против Русија.
Трамп Јуниор тогаш сподели видео на Инстаграм објавено од поранешната републиканска кандидатка за потпретседателка, Сара Пејлин. „Гледна точка: Уште 38 дена до губењето на џепарлакот“, гласеше пораката во видеото на кое се гледа како украинскиот лидер стои до новоизбраниот американски претседател со тажен поглед на лицето.