Ројтерс ги објави деталите од трипартитната средба меѓу Трамп, Макрон и Зеленски во Париз.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја искористи првата средба со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп по изборите во САД за да ја објасни потребата на Украина од безбедносни гаранции во случај на дипломатски крај на војната со Русија.
Два извори запознаени со разговорите одржани во Париз на 7 декември изјавија за Ројтерс дека средбата била организирана од францускиот претседател Емануел Макрон. Тој бил домаќин на состанокот, на кој Зеленски се обидел да изгради односи со Трамп. Ова доаѓа по ветувањата на Трамп за брз крај на конфликтот, кои во Киев предизвикаа загриженост дека тоа би можело да подразбира отстапки во корист на Москва.
Британската агенција разговарала со пет извори запознаени со случувањата на средбата.
Тројцата лидери разговарале 35 минути, без советници, но без конкретизирање на визија за мир.
– Трамп повтори дека сака итен прекин на огнот и преговори за брз крај на војната – потврдија четири извори.
Средбата даде рани индикации за можниот тек на преговорите за завршување на конфликтот. Сепак, процесот останува исклучително сложен, а улогата на САД во него засега е нејасна.
Ројтерс цитира извор кој наведува дека Трамп бил пријателски настроен, отворен и внимателно слушал.
Тимот на Трамп не одговорил веднаш на барањето за коментар.
Несигурност во Киев
Ниту Трамп ниту неговите соработници кои работат на прашањето за Украина не дале конкретни детали за можни решенија за војната или за обезбедувањето на безбедносни гаранции за Украина.
Во меѓувреме, Киев се соочува со растечка несигурност поради постојаниот руски територијален напредок во Донбас и честите напади со беспилотни летала далеку зад линијата на фронтот.
– На средбата беше истакнато дека само прекин на огнот не е доволен. Путин може повторно да го прекрши, како што тоа го правеше досега, без соодветни гаранции – изјави извор од кабинетот на украинскиот претседател.
Зеленски постојано нагласува дека Украина ќе му биде потребна цврста поддршка, особено од САД, за да се спречи нова руска инвазија.
Промени во позицијата на Киев
Иако Зеленски порано инсистираше дека мирот е возможен само со повлекување на сите руски сили од Украина, неодамна призна дека дипломатски крај на војната би спасил животи.
Функционери блиски до Трамп наведуваат дека тој ги фокусирал средбите на градење лични односи, што е клучен аспект на неговиот пристап кон дипломатијата.
Европската поддршка и улогата на Макрон
На средбата, Макрон и Зеленски биле синхронизирани во ставовите, но се обиделе да не остават впечаток дека го притискаат Трамп.
Францускиот претседател, познат по користењето лични односи за дипломатски цели, заедно со Зеленски нагласил дека без американска поддршка, на Украина ќе ѝ биде многу тешко.
Друг функционер изјавил дека Зеленски верува оти Путин се плаши само од Трамп и Кина на меѓународната сцена, а за траен мир ќе биде потребен силен Вашингтон.
Макрон истакнал дека Европејците веќе многу направиле за поддршката на Украина и дека се подготвени да го делат безбедносниот товар со САД.
На средбата било посочено и дека Путин не е ист како во 2017 година. Падот на сирискиот претседател Башар ал-Асад бил наведен како аргумент за потребата од цврст став кон Москва.
– Средбата беше повеќе објаснувачка, отколку притисок врз Трамп – изјави извор.